Статут

СТАТУТ

Врз основа на Член 18 од Законот за здруженија и фондации, и член 12 од Статутот на АЦИ Македонија Здружение на финансиски пазари, Собранието на Здружението на седницата одржана на ден 16.04.2015 година, донесе

С Т А Т У Т
НА АЦИ МАКЕДОНИЈА
ЗДРУЖЕНИЕ НА ФИНАНСИСКИ ПАЗАРИ

I. Општи одредби

Член 1

Со овој Статут се утврдува: името, седиштето и подрачјето на кое делува Здружението АЦИ Македонија Здружение на финансиски пазари (во понатамошен текст: Здружение); застапување; дејност, цели и задачи; активности со кои се остваруваат целите; транспарентност во работењето на Здружението; членство и членарини; права, обврски и дисциплински одговорности за членовите; внатрешна структура на Здружението; органи на Здружението, нивниот состав, овластувања, начин на одлучување, услови и начин на избор и отповикување, траење на мандатот и обврски на членовите; имот и располагање со можната добивка; начин на стекнување на имот како и престанок и постапка поврзана со имотот во случај на престанок.

Член 2

Полниот назив на Здружението е: АЦИ Македонија Здружение на финансиски пазари.

На англиски јазик истиот гласи: ACI Macedonia – Financial Markets Association.

Скратениот назив за Здружението е: АЦИ Македонија.

Седиште на Здружението е: Бул. Кузман Јосифовски Питу бр.1, зграда на НБРМ, Скопје.

Здружението дејствува на подрачјето на Република Македонија.

Здружението има својство на правно лице, а како Здружение е регистрирано во Регистар при Централниот Регистар на Република Македонија.

Здружението го застапува Претседателот на Здружението.

Член 3

Здружението има печат со форма на круг на кој периферно е испишано полното име на кирилично писмо и македонски јазик, а во средината на печатот е ознака за седиштето на Здружението.

Член 4

Здружението е член на ACI The Financial Markets Association, со седиште во Париз.

Член 5

АЦИ Македонија Здружение на финансиски пазари е непрофитна организација.

Член 6

Статутот на Здружението, освен на законите, се темели и на статутот на ACI The Financial Markets Association.

Член 7

Работењето на Здружението е јавно. Јавното работење е загарантирано и се остварува со правилно и вистинито известување на членовите на Здружението по пат на јавно соопштување. За работата на Здружението членовите се известуваат со доставување на пишани материјали (или електронски) и по пат на седници на органите на Здружението. Претставниците на медиумите можат да присуствуваат на седниците на органите на управување на Здружението и да ја известуваат јавноста за работењето на тие органи и Здружението. Со цел потполно остварување на јавност во работењето, Здружението може да издава свој весник (во пишана или електронска форма), во согласност со прописите за јавно информирање. Одлука за издавање на весник носи Собранието.

Член 8

На сите организирани собири на Здружението, членовите на странски ACI Здруженија имаат слободен пристап.

II. Дејност, цели и задачи

Член 9

Дејноста на здружението се одвива на територијата на Република Македонија.

При вршењето на својата дејност АЦИ Македонија Здружение на финансиски пазари ќе го почитува Правилникот и Статутот на Меѓународното здружение на дилери ACI (Assotiation Cambiste Internationale).Членовите во своето работење ќе постапуваат според Кодекс на однесување кој е во согласност со Кодексот на однесување на ACI.

Основната цел на АЦИ Македонија Здружение на финансиски пазари претставува професионалното обединување на трговците со финансиски инструменти од банките и другите финансиски институции.

За остварување на основната цел на здружението, потребно е исполнување на следните задачи:

  • Воспоставување и прогресивно одржување на меѓусебни односи помеѓу членовите на здружението, согласно стандардите за професионализам, етика и морал предвидени во усвоениот Кодекс на однесување.
  • Дополнителен придонес на членовите на здружението за воспоставување и подобрување на професионалната соработка на институциите кои тие ги претставуваат.
  • Одржување и ширење на угледот на оваа професија, преку континуирана едукација со следење на корисните позитивни трендови, пазарни практики и сл., без дискриминација од било кој тип притоа. Во таа насока конкретно неопходно е обезбедување на:
    • професионално-деловна и транспарентна меѓусебна размена на информации.
    • тековно и прогресивно, директно и индиректно обучување на кадри. Во овој домен здружението обезбедува и асистенција и организација во однос на подготовка на членовите на здружението за стекнување со меѓународно верификувани сертификати (ACI dealing certificate, ACI operations certificate и ACI diploma).
    • тековни деловни состаноци, презентации, тркалезни маси, семинари и сл., генерално континуирано, и по потреба со сите директни и индиректни учесници на финансискиот пазар во доменот на тргување со финансиски инструменти.
    • редовни годишни собранија и сл.

Од институционално-координативен аспект по потреба и во континуитет, во однос на своите активности, здружението има конструктивна задача-обврска во улога на национална асоцијација да одржува континуиран контакт и соработка со останатите национални здруженија, и соодветно со регионалните и светското здружение.

III. Членови на Здружението, права, обврски и дисциплинска одговорност на членовите

Член 10

Членството во здружението може да биде редовно, почесно и придружно. Редовни членови можат да бидат државјани на Република Македонија кои го прифаќаат статутот и општите акти на Здружението, а почесни членови може да бидат државјани на Република Македонија и странци кои со своето делување значајно придонеле кон развојот на Здружението. Придружни членови можат да бидат и личности надвор од банките кои учествуваат во тргувањето со финансиски инструменти, што би вклучило и поединци од фирми и претпријатија, лица од компании кои добавуваат хардвер и софтвер програми, како и од образовни институции.

Член 11

Редовните членови мора активно да учествуваат во некои од следните активности: тргување со финансиски инструменти на меѓубанкарскиот пазар, домашен или странски, активности поврзани со спот и термински трансакции, на пазарот на пари, во тргувањето со благородни метали, во тргувањето со должнички хартии од вредност, со домашни или странски банкноти и ковани пари, на активности поврзани со администрирање и управување со ризиците кои произлегуваат од наведеното тргување и мораат да бидат одговорни за наведените активности.

Своите активности редовните членови мора да ги извршуваат во рамки на банките кои делуваат во Република Македонија.

Кандидатите за редовно членство мора да имаат најмалку 1 година работно искуство во делот на активности предвидени со став 1 од овој член, пред да поднесат Молба за зачленување во редовното членство.

Кандидатите за придружно членство мора да имаат најмалку 1 година работно искуство во делот на активности предвидени со став 1 од овој член, пред да поднесат Молба за зачленување во придружното членство.

Член 12

Почесен член може да биде секое физичко лице кое имало значителен придонес за развојот на Здружението.

Член 13

Одлуката за прием во редовното и придружното членство ја носи Извршниот одбор на Здружението, врз основа на Молба за прием на кандидатот поднесена од кандидатот како физичко лице лично или преку ополномоштено лице. При носењето на одлуката, предлог или препорака за одреден член која доаѓа од редовен член на Здружението ќе се зема како предност. Одлуката за почесно членство ја носи Ивршниот одбор на Здржението, согласно критериуми кои ги утврдува Извршниот одбор. Во Здружението се води регистар на членови. За обликот и содржината на регистарот и начинот на неговото водење одлучува Извршниот одбор на Здружението.

Член 14

Права и обврски на членовите на Здружението се:

  • активно учество на манифестациите кои ги организара Здружението;
  • да бидат информирани за работата на Здружението и неговите органи, посебно за материјално-финансиското работење;
  • активно да учествуваат во остварувањето на целите на Здружението и придонесуваат во спроведување на неговите активности;
  • да даваат предлози, мислења и забелешки за работата на Здружението и неговите органи;
  • да се придржуваат на одредбите на Статутот и другите општи акти на Здружението;
  • да се грижат за редовното плаќање на членарината;
  • да го чуваат и придонесуваат за угледот на Здружението;
  • право да бидат бирани во органите на Здружението имаат само редовните членови кои имаат минимум 2 години работно искуство во делот на активности предвидени со член 11 став 1 и минимум 1 година статус на редовен член на Здружението;
  • право да гласаат имаат само редовните членови на Здружението.

Член 15

Членството во Здружението престанува со:

  • престанок на работа на Здружението;
  • писмена изјава за напуштање на членството;
  • исклучување од членството.

Член 16

Член на Здружението може да биде исклучен од членството ако прекрши одредба на Статутот или ги загрози интересите на Здружението или предизвика сериозна штета на Здружението и неговото членство. Одлука за исклучување носи Извршниот одбор на Здружението. Исклучениот член има право на Жалба до Собранието, чија одлука е конечна.

IV. Органи на Здружението

Член 17

Органи на Здружението се:

  • Собрание;
  • Претседател на Здружението;
  • Извршен Одбор;
  • Надзорен Одбор;
  • Комисија за стручно усовршување;
  • Суд на честа.

Член 18

Собранието е највисок орган на Здружението, а го сочинуваат сите членови на Здружението.

Редовното Собрание на Здружението се оддржува најмалку еднаш годишно.

Претседателот на Здружението, на сопствена иницијатива или на барање на најмалку 1/3 од редовните членови на Здружението може да свика вонредно Собрание при што веднаш се предлага дневен ред.

Ако Претседателот на Здружението не свика Сообрание, на барање на предлагачите од став 3 на овој член, истото го свикуваат предлагачите во рок од 30 дена од поднесеното барање.

На вонредното Собрание се разгледува само прашањето/прашањата за кои е истото свикано.

Член 19

Собранието го свикува Претседателот на Здружението, со доставување писмена покана на членовите, и тоа најмалку 15 дена пред оджување на седницата. Поканата содржи податоци за местото и времето на одржување на седницата и предлог за дневниот ред. Со поканата се доставуваат и материјали за точките кои се на дневниот ред.

Член 20

Собранието може полноважно да одлучува доколку се присутни најмалку половина од редовните членови на Здружението, лично или преку ополномоштено лице.

Доколку на Собранието не присуствуваат половината од редовните членови, свикувачот на Собранието свикува нова седница во рок не пократок од 8 дена, со тоа што тогаш Собранието може да донесува полноважни одлуки доколку се присутни 1/3 од членовите со право на глас, лично или преку ополномоштено лице.

Одлуките се донесуваат по пат на јавно гласање или на барање на најмалку 1/3 од редовните членови со тајно гласање (по писмен пат).

Полноважни одлуки се донесуваат со согласност на повеќе од половината присутни со право на глас.

Одлуките за промени на Статутот и престанок на Здружението, Собранието ги носи со 2/3 мнозинство на членовите со право на глас.

Член 21

Собранието на Здружението:

  • го носи Статутот и неговите измени и дополнувања;
  • носи други општи акти потребни за функционирање на Здружението;
  • го избира и разрешува Претседателот на Здружението;
  • избира и разрешува членови на Извршниот и Надзорниот одбор;
  • избира и разрешува членови на Комисијата за стручно усовршување и Судот на честа;
  • носи програма за работа за наредната година;
  • го носи финансискиот план и ја усвојува завршната сметка;
  • го разгледува извештајот за работата на Претседателот на Здружението;
  • одлучува за учество на Здружението во работењето на национални и странски организации;
  • одлучува за здружување со други организации, членување во други организации и истапување од нив;
  • решава по жалбите на членовите на Здружението во втор степен;
  • одлучува за престанок на Зружението;
  • одлучува за други прашања од значење за работата на Здружението, утврдени со овој Статут, кои не се наведени во надлежност на други органи.

Член 22

Претседателот на Здружението го претставува и застапува Здружението во правниот промет и одговараат за законитоста на работата на Здружението, а се избира од страна на Собранието на Здружението на време од 3 години. Извршниот Одбор и Претседателот можат да бидат разрешени од Собранието и пред истекот на мандатот, доколку ги пречекорат своите овластувања или несовесно ги извршуваат своите обврски. Доколку се разрешува целиот Извршен Одбор, тогаш Собранието избира нов со полн мандат, а во случај на разрешување на поединечни членови на Извршниот одбор, Собранието избира нови членови на Извршниот Одбор на време до истек на мандатот на составот во кој што се избрани.

Член 23

Извршниот одбор има 5 членови кои се избрани од страна на Собранието на времетраење од 3 години.

Претседателот на Здружението е член на Извршниот одбор.

Извршниот одбор на Здружението:

  • избира Секретар (кој има обврски во оперативно организациските активности на Здружението) и Благајник (кој има обврски во материјалното и финансиското работење на Здружението). Секретарот и Благајникот за своето работење одговараат пред Претседателот на Здружението и пред Извршниот одбор;
  • согласно потребите формира и ги координира активностите на повеќе Одбори;
  • утврдува предлог Статут и негови измени и дополнувања;
  • утврдува предлог финансиски план и завршна сметка;
  • одлучува за трошоци над 10.000,00 денари;
  • поднесува годишен извештај за работата пред Собранието;
  • одлучува за висината и начинот на утврдување на членарината;
  • одлучува за примање и исклучување на членови;
  • се грижи за информирање на членството и јавноста;
  • одлучува за користење на имотот на Здружението;
  • ги извршува сите други активности кои Собранието ќе му ги довери во надлежност.

Седниците на Извршниот одбор се одржуваат по потреба. Седница може да се одржи доколку е присутно мнозинство од членовите на Извршниот одбор, а полноважни одлуки се донесуваат со мнозинство гласови од присутните членови.

По исклучок од претходниот став, одлуката за предлог Статут и неговите измени и дополнувања, одлуката за висината и начинот на утврдување на членарината, одлуката за примање и исклучување на членови и одлуката за трошоци над 10.000 денари, мора да биде донесена на седница на Извршниот одбор на која се присутни сите негови членови и за која ќе биде изготвен Записник.

Член 24

Претседателот на Здружението го претставува Здружението, заседава со седниците на Собранието и одговара за законитоста на работењето на Здружението. Претседателот на Здружението е воедно и претседател на Собранието, како и претседател на Извршниот одбор. Претседателот на Здружението свикува седници на Собранието и на Извршниот одбор и дава предлог за дневниот ред, ги спроведува одлуките на Собранието и раководи со работата на Здружението помеѓу две седници на Собранието. Кога претседателот на Здружението е отсутен, неговата функција ја превзема еден од членовите на Извршниот одбор кој го определува Претседателот.

Секој член на Извршниот одбор може да предложи состанок кој треба да се свика во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето.

Член 25

Надзорниот одбор има 3 члена кои ги избира Собранието на период од 3 години. Член на Надзорниот одбор не може да биде член на Извршниот одбор.

Членовите на Надзорниот одбор за својата работа одговараат на Собранието.

Надзорниот одбор го разгледува и врши надзор на:

  • примената на одредбите од овој Статут, како и другите општи акти на Здружението;
  • материјално-финансиското работење и користењето на имотот на Здружението;
  • реализацијата на одлуките, заклучоците и другите правни акти;
  • врши и други работи кои му ги доверува Собранието.

Надзорниот одбор може да побара свикување на седница на Извршниот одбор и Собранието, ако утврди неправилности во финансиското или некое друго работење во Здружението, небрежност во извршувањето на должностите или пак е повреден Статутот или другите општи акти на Здружението. При утврдување на начинот и постапката за разрешување на Надзорниот одбор или поединечно некој негов член, ќе се применуваат одредбите од член 22 од овој Статут.

Член 26

НКомисијата за стручно усовршување е составена од 3 члена на Здружението кои ги избира Собранието. Членовите на комисијата помеѓу себе избираат Претседател.

Должности на комисијата се:

  • постојана грижа за стручно усовршување на членовите на Здружението;
  • одржување на контакти со Тhe ACI Institute;
  • одржување на контакти со специјализирани фирми кои се занимаваат со едукација за финансиски пазари;
  • организирање на семинари;
  • организирање на испити;
  • учествува на седници на Извршниот одбор, кога се зборува за теми од областа на работењето на Комисијата.

Член 27

Судот на честа е составен од 3 члена на Здружението кои ги избира Собранието со мандат од 3 години. Членовите на Судот на Честа помеѓу себе избираат Претседател. По барање на Извршниот одбор, Судот на честа дава мислење за членови на Здружението кои делуваат спротивно од добрите деловни обичаи и кои не ги исполнуваат редовно своите обврски спрема Здружението. Членовите на Судот на честа не може истовремено да бидат и членови на Извршниот одбор на Здружението.

Член 28

Во начинот и постапката за разрешување на Комисијата за стручно усовршување, Судот на честа или неговите поединечени членови се применуваат сите одредби од член 22 од овој Статут.

Член 29

Средствата на Здружението се состојат од приходите кои Здружението ги остварува од:

  • членарина;
  • котизација;
  • маркетинг;
  • придонеси од финансиски организации и останати приходи согласно Законот.

Член 30

Здружението управува со средствата во согласност со одредбите за материјалното и финансиското работење на непрофитни организации. Сите приходи и расходи се утврдуваат со финансиски план кој се донесува за период од една календарска година и важи за годината за која е донесен. По завршување на годината за која е донесен финансискиот план, се изготвува завршна сметка. Претседателот на Здружението има право за користење на средствата на Здружението согласно Статутот. Сите документи во врска со финансиското работење освен благајникот ги потпишува Претседателот или некој од членовите на Извршниот одбор.

V. Статут и други општи акти

Член 31

Статутот е основен општ акт на Здружението и сите други општи акти мора да бидат во согласност со одредбите од Статутот. Предлог измените и дополнувања на Статутот ги подготвува и утврдува Извршниот одбор на Здружението и ги предлага на членовите на Здружението со право на глас за дискусија. Извршниот одбор на Здружението ги разгледува забелешките и предлозите што биле изнесени во расправата, зазема став за истите согласно член 23 од овој Статут и го утврдува предлог Статутот.

Член 32

Толкување на одредбите од Статутот дава Собранието на Здружението.

Член 33

Сите внатрешните работи на Здружението, како и други прашања што не се уредени со Статутот, а бараат детална разработка, ќе бидат регулирани со општи акти донесени од страна на Собранието на Здружението.

VI. Преодни и завршни одредби

Член 34

Здружението престанува со работа со одлука на Собранието и во случаите утврдени со закон. Во случај на престанок со работа, имотот на Здружението ? припаѓа на Република Македонија.

Член 35

Со влегувањето во сила на овој Статут, престанува да важи Статутот на АЦИ Македонија Здружение на финансиски пазари донесен на Собранието на АЦИ Македонија – Здружение на финансиски пазари одржано на 26.09.2009 година; Статутот на АЦИ Македонија Здружение на финансиски пазари пречистен текст донесен на Собранието на АЦИ Македонија – Здружение на финансиски пазари одржано на 07.04.2011 и Одлуката за Промена на Статутот АЦИ Македонија Здружение на финансиски пазари-Скопје донесена на Собранието на АЦИ Македонија Здружение на финансиски пазари одржано на 11.05.2013 година.

Член 36

Овој Статут влегува во сила со денот на донесувањето.

 

Скопје 16.04.2015 ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АЦИ МАКЕДОНИЈА
Емил Јакимов

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

кон Предлог
Статутот на АЦИ Македонија
Здружение на финансиски пазари

Измената на Статутот има за цел да го унапреди работењето на АЦИ Македонија Здружение на финансиски пазари и да го усогласи истото со начинот на функционирање на останатите сестрински АЦИ Здруженија.

За таа цел најважните измени се однесуваат на следното:

  • се дефинира можност за прием на нови членови кои би имале различен статус, со што би се проширила основата за размена на информации со бизнис заедницата и образовните институции, како и можноста за поширока меѓународна соработка.
  • се овозможува формирање на нови органи на Здружението, Комисија за стручно усовршување и Суд на честа, кои ги избира Собранието на Здружението.
  • Се прошируваат надлежностите на Извршниот одбор во делот на правото да формира Одбори.
  • Се зголемуваат одговорностите и надлежностите на Извршниот одбор, посебно во делот на финансиската контрола и материјалното работење.
  • Се зголемува одговорноста на Претседателот на Здружението.

Согласно со наведеното се појави потреба за измена на Статутот, поради што се предлага Собранието да донесе нов Статут на Здружението.

ИЗВРШЕН ОДБОР НА ЗДРУЖЕНИЕТО

 

Преземете PDF документ:

Статут на АЦИ Македонија- Здружение на финансиски пазари