Македонија добива своја референтна каматна стапка СКИБОР
СКИБОР ќе покаже колку чинат парите во Македонија

Од јули годинава во Македонија ќе почне да се котира референтна каматна стапка СКИБОР (Skopje Interbank Offered Rate). Таа ќе биде основа за сите други камати, но и показател за тоа колку македонските банки си веруваат меѓусебе

Од јули годинава во Македонија ќе почне да се котира референтна каматна стапка СКИБОР (Skopje Interbank Offered Rate). Таа ќе ја покажува каматната стапка по која банките се подготвени да си позајмуваат помеѓу себе без никакво обезбедување. Во секоја економија референтната каматна стапка ја покажува основата, од која потоа се формираат сите останати краткорочни каматни стапки на пазарот.

“СКИБОР ќе ја покаже реалната цена на парите во Македонија. По примерот на ЛИБОР и ЕУРИБОР, нашата референтна стапка СКИБОР ќе покажува колку навистина изнесува основната и реална камата стапка во земјата. Тоа по правило е најниска стапка, бидејќи се претпоставува дека банките имаат меѓусебна доверба и ризикот заради тоа е помал”, вели Милена Перчинкова, директор на Секторот за средства и ликвидност во Алфа Банка и претседател на Здружението на финансиски пазари- АЦИ Македонија, кое е иницијатор за воведување на референтната стапка.
Според Перчинкова, референтаната стапка е многу значајна за секоја економија, бидејќи преку неа и домашните и странските инвеститори ќе ја знаат реалната цена на парите во Македонија.
Иницијативата за референтна каматна стапка, вели Перчинкова, ја потегнавме минатата година и заедно со Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија го реализираме успешно целиот проект за релативно кратко време.
Досега како единствен индикатор за цената на чинење на парите служеа каматата на благајничките записи и каматата постигната на меѓубанкарскиот пазар на пари. Каматата на благајничките записи, кои имаат рок на доспевање од 28 дена, моментално изнесува 4,86%. Каматата, пак, на меѓубанкарскиот пазар на пари бележи постојан пад и моментално изнесува 3,5%. Но, оваа камата не е многу релевантна. Причина е што овој пазар практично е замрен, бидејќи на него се тргуваат многу мали и незначителни износи.

Што е СКИБОР?
СКИБОР ќе го претставува просекот по кој најголемите македонски банки ќе си позајмуваат пари помеѓу себе. Во формирањето на референтната стапка ќе учествуваат 11 македонски банки. Нив ги избира Одборот за контрола на референтни банки кој е составен од три члена, два именувани од АЦИ Македонија и еден од Здружението за банкарство. За да влезе на листата референтни банки, банката мора да е во групата големи или средни банки и да има минимум 5% учество на меѓубанкарскиот пазар на пари.
Пресметка на СКИБОР ќе се врши секој ден врз основа на вредноста на котациите од референтните банки, односно врз основа на висисината на каматните стапки по кои банките се подготвени да позајмат пари на друга банка. Котациите од сите банки ќе се евидентираат во Тенфоре системот кој ќе ја пресметува просечната каматна стапка која ќе се објавува секој ден во 11.30. СКИБОР ќе се објавува на Интернет страниците на Народната банка на Македонија (НБМ), АЦИ Македонија, Стопанската комора на Македонија
Во почеток ќе се котира СКИБОР за позајмување преку ноќ, за една недела за 1 месец и за 3 месеци, а нешто подоцна ќе почне котацијата и на СКИБОР за 6 месечно позајмување и за 1 година.

Od "KAPITAL" 27.06.2007