Правила за пресметување и објавување на меѓубанкарска каматна стапка на пазар на депозити (SKIBOR)


I Основни одредби

Член 1

Со овие Правила се утврдува начинот на пресметување (фиксинг) и објавување на меѓубанкарската каматна стапка SKIBOR и постапката за избор на референтни банки.


Член 2

Целта на овие Правила е да се овозможи транспарентно тргување и развој на меѓубанкарскиот пазар на депозити.


Член 3

Поимите употребени во овие Правила го имаат следното значење:

SKIBOR - Skopje Interbank Offer Rate меѓубанкарска каматна стапка за продавање на денарски депозити пресметана од котациите на референтните банки.
Референтна банка банка која поставува котации на меѓубанкарски пазар на депозити кои служат за пресметување на SKIBOR.
Котација каматна стапка по која референтна банка е подготвена да продаде неколатерализирани денарски депозити на друга референтна банка.
Europoint Systems информативен систем Europoint Systems Banking Package, односно давател на услугата за пресметување и објавување на SKIBOR.



II Избор на референтна банка

Член 4

Изборот на референтна банка се врши од страна на Одбор за контрола на референтни банки (во натамошниот текст: Одбор).

Одборот се состои од три члена, од кои два члена се именувани од страна на Претседателството на АЦИ Македонија - Здружение на финансиски пазари (во натамошниот текст: АЦИ Македонија), а еден член е именуван од страна на Здружението на банкарството при Стопанска комора на Македонија.

Членовите на Одборот треба да се директно вклучени или одговорни за работи од областа на финансиските пазари во банките. Членовите мораат да бидат независни и објективни во спроведувањето на активностите утврдени со овие Правила.

Мандатот на членовите на Одборот трае една година и може да се обнови најмногу двапати последователно. Секој член има еден глас, а одлуките се донесуваат со просто мнозинство на гласови.

Заради следење на активностите на референтните банки Одборот се состанува еднаш месечно, а по потреба и почесто.


Член 5

За добивање на статус на референтна банка, банката треба да исполнува најмалку еден од овие услови:

  • да е активен учесник на меѓубанкарскиот пазар на депозити со минимално учество од 5% како продавач односно купувач на депозити во остварениот промет во текот на претходната година, и/или
  • да е класифицирана во групата на големи или средни банки според вредноста на вкупната актива, во согласност со последните податоци објавени од страна на Народна банка на Република Македонија.

Покрај ова, банката треба:

  • секојдневно да поставува котации за купување и/или продавање на депозити;
  • да поседува информативен систем Europoint Systems;
  • да е предложена од најмалку четири референтни банки;
  • да е согласна со одредбите од овие Правила.


Член 6

За добивање на статус на референтна банка, банката поднесува писмено барање до Одборот. Одборот донесува одлука во рок од 30 дена од приемот на барањето и формално ја известува банката за одлуката.


Член 7

Одборот може да донесе одлука за престанок на статус на референтна банка:

  • на писмено барање на референтната банка;
  • доколку референтната банка престане да ги исполнува условите утврдени во член 5 од Правилата.

Одборот формално ја известува банката за одлуката за престанок на статус на референтна банка.


Член 8

Бројот на референтни банки треба да изнесува најмалку осум за да се обезбеди адекватно претставување на активностите на пазарот на депозити.

Одборот составува Листа на референтни банки, која се објавува на интернет страните на АЦИ Македонија, Стопанска комора на Македонија, Народна банка на Република Македонија и на Europoint Systems.

Листата се ревидира најмалку еднаш годишно со цел да се следи исполнувањето на условите утврдени во член 5 од Правилата.



III Пресметување и објавување на SKIBOR

Член 9

Меѓубанкарската каматна стапка SKIBOR се пресметува врз основа на котациите за продавање на неколатерализирани денарски депозити од страна на референтни банки.


Член 10

Референтните банки се должни да котираат каматни стапки за продавање на неколатерализирани денарски депозити за секоја од следниве стандардни рочности:

преку ноќ 1 недела 1 месец 3 месеци 6 месеци 9 месеци 12 месеци
SKIBOR O/N SKIBOR 1W SKIBOR 1M SKIBOR 3M SKIBOR 6M SKIBOR 9M SKIBOR 12M

Доколку датумот на достасување на депозитот е неработен ден, истиот се поместува до следниот работен ден.


Член 11

Котациите се пресметуваат согласно стандардот actual/360 (календарски број на денови во месецот и 360 денови во годината) со примена на пропорционален метод и се прикажуваат со 2 децимални места.


Член 12

Референтните банки котираат каматни стапки за купување и/или продавање на депозити на Europoint Systems во текот на целиот работен ден, а за потребите за пресметка на SKIBOR поставуваат котации на Europoint Systems најдоцна до 10:45 часот. Промена на котациите од страна на референтните банки е дозволена најдоцна до 11:00 часот.

До моментот на објавување на SKIBOR, пристап до сопствените котации има само референтната банка.


Член 13

SKIBOR се пресметува како аритметичка средина од котациите за стандардните рочности и се прикажува со две децимални места.

Пресметката на SKIBOR, за секоја рочност пооделно, се врши на следниов начин:

  • котациите се рангираат во растечки редослед;
  • доколку котираат осум или повеќе референтни банки, во пресметката се исклучуваат две највисоки и најниски котации;
  • доколку котираат најмалку шест, но помалку од осум референтни банки, во пресметката се исклучуваат највисоката и најниската котација;
  • доколку котираат најмалку четири, но помалку од шест референтни банки, во пресметката се вклучуваат сите котации;
  • доколку котираат помалку од четири референтни банки, не се пресметува SKIBOR.


Член 14

SKIBOR за поединечни рочности, како и котациите на секоја референтна банка, се објавува на Europoint Systems најдоцна до 11:30 часот.

SKIBOR за поединечни рочности се објавува и на интернет страните на АЦИ Македонија, Стопанска комора на Македонија, Народна банка на Република Македонија и на Tenfore.

Секој работен ден на Europoint Systems се објавува и вкупниот промет и пондерираните каматни стапки на меѓубанкарскиот пазар на депозити по поединечни рочности, за претходниот ден.



IV Завршни одредби

Член 15

Правилата стапуваат на сила по потпишување од страна на овластени лица во инволвираните институции.

Правилата се потпишуваат во четири примероци, од кои по еден добиваат АЦИ Македонија, Здружението на банкарството при Стопанска комора на Македонија, Europoint Systems и Народна банка на Република Македонија.

Секоја референтна банка добива копија од потпишаните Правила.



Потписници:

1. АЦИ Македонија Здружение на Финансиски пазари - Претседател
2. Здружение на банкарството при Стопанска комора на Македонија - Претседател
3. Europoint Systems - Директор




Референтни банки

1.Алфа Банка АД Скопје
2.Комерцијална Банка АД Скопје
3.НЛБ Тутунска Банка АД Скопје
4.Охридска Банка АД Охрид
5.Прокредит Банка АД Скопје
6.Стопанска Банка АД Битола
7.Стопанска Банка АД Скопје
8.ТТК Банка АД Скопје
9.УНИ Банка АД Скопје
10.Халк Банка АД Скопје
11.Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје

   
     
 
насловна | за здружението | членови | SKIBOR | настани | едукација | линкови | собрание
© 2018 АЦИ Македонија Здружение на финансиски пазари. Сите права се задржани.