Репо

Во текот на 2005 година беа поставени основите за развој на репо-пазарот во Република Македонија преку поставување на правилата за тргување и порамнување на пазарите преку шалтер и преку изготвување Генерален репо договор, како унифицирана правна рамка за склучување на репо трансакции помеѓу пазарните учесници, согласно кој се предвидува склучување на репо трансакции со сите краткорочни хартии од вредност. Истовремено, со овие правила се постави и основата за спроведување на монетарни операции преку склучување на репо трансакции од страна на Народна банка на Република Македонија.

Репото претставува договор за моментна (промптна) продажба на хартии од вредност со обврска за нивно повторно купување, или пак договор за моментно (промптно) купување хартии од вредност со обврска за нивна повторна продажба на некој иден датум по однапред договорена цена.

Воведувањето на репо трансакциите во РМ започна со активностите поврзани со поставувањето на основите на пазарите преку шалтер, како конкурентна рамка за тргување и порамнување на хартиите од вредност со ниски трансакциски трошоци. Притоа, тргувањето на пазарите преку шалтер се заснова на систем на котации, каде за порамнување на склучените трансакции се користат постоечките врски помеѓу платниот систем МИПС, банките и Централниот депозитар на хартии од вредност – ЦДХВ, при што се овозможува порамнување во реално време, со примена на принципот на „испорака наспроти плаќање“.

Репо операциите претставуваат флексибилен инструмет за ликвидносно управување, преку кои се овозможува поевтино и посигурно позајмување на финансиски средства од страна на банките и другите финансиски институции во споредба со необезбеденото (неколатерализираното) тргување. Флескибилноста на овој инструмет произлегува од можноста за брзо и сигурно претворање на паричните средства во хартии од вредност и обратно.

Репо трансакциите имаат значајна улога при спроведување на монетарните операции од страна на централните банки. Во Република Македонија, како дел од операциите на отворениот пазар, НБРМ преку аукции на репо-трансакции управува со ликвидноста на банкарскиот систем во услови на краткорочни промени во ликвидноста.

Корисни линкови:

Генерален репо договор

Правила за тргување и порамнување на трансакции

Теоретски аспекти за заживување на репо пазарот- НБРМ

Одлука за купување и продавање на ХВ на привремена и дефинитивна основа