Времетраење на порамнувањето на трансакциите- списание Економија и Бизнис

 

Сашо Трајковски

Порамнувањето на сите трансакции и минималната изложеност со која се соочуваат банките во нивните индивидуални трансакции (без разлика дали се работи за спот или форвард трансакции),трае од еден до два работни дена, за речиси сите банки кои беа истражувани во сите земји на групата Г-10. Ова времетраење се однесува кога се тргува со сите валути, освен со јапонските јени. Времетраењето на порамнувањето во тргувањето на јапонските јени трае и до три работни дена, почнувајќи од денот кога членовите на ФЕЅЦС можат да испратат неотповикливи инструкции за плаќање во јени во јапонскиот платен систем.

Како надополнување на сето тоа, времетраењето на порамнувањето на финансиските трансакции се продолжува за дополнителни еден до два работни дена (времетраење на статус „У“). Како резултат на претходно искажаното, потребни се повеќе од три работни дена (доколку меѓу тие три работни дена се појават и празници и викенд, деновите се многу повеќе) од почетокот на појава на ризик со кои се соочуваат банките во своето работење, содржувајќи го во себе и времето кое е потребно за комплетна обработка на трансакциите.

Од гледна точка на банките, со порамнувањето на купените валути пред порамнувањето на валутите кои се продадени можат да се соочат со ризик да не можат да извршат отповикување на валутата која ја продаваат.  Во такви случаи присилени се да ја исплатат валутата која ја продале, дури и во случаи кога е јасно дека нема да ја добијат валутата која ја договориле. Овој случај се јавува, пред сѐ, кога се склучуваат трансакции во зони со огромна временска разлика. Најдобро е да се употреби систем на порамнување кој би можел да изврши порамнување истовремено на двете валути.

Повеќето системи за порамнување нудат одлични услови од аспект на оперативна ефикасност како на пример брзина, многу ниски трошоци, заштита од технички ризици, но не нудат услови за контрола на изложеноста на ризик на трансакциите во моментите кога се порамнуваат.

На пример, во самите системи постојат автоматски режими на работа кои го забрзуваат процесот на размена на трансакциите и нивното порамнување.

Една од тие автоматски процеси на работа е straight through processing (СТП) кој обезбедува огромни бенефити за сите учесници на финансиските пазари. Straight through processing  работи на таков начин што, доколку се исполнети сите очекувани предуслови во дадените инструкции за плаќање кои се доставуваат до коресподентните банки (име на банката на корисникот, СВИФТ-код на банката на корисникот, ИБАН – International banking account number на корисникот на средствата, износ), средствата се префрлаат автоматски преку компјутерскиот систем на коресподентната банка без притоа да се провери дали податоците се точни или не. На ваков начин се скратува времетраењето на порамнување, но се намалува контролата на ризикот со кој се соочуваат финансиските и нефинансиските институции.

Како втор проблем кој се појавува со користењето на автоматските процеси е тоа што се намалува временскиот рок за поништување на налогот. Бидејќи процесите се автоматизирани и поминуваат преку коресподентната банка само за неколку моменти, потребно е страната што ги упатува инструкциите за плаќање да е сигурна во своите инструкции. Доколку се случи грешка во дадените инструкции, треба да се реагира веднаш затоа што поради автоматизираноста парите веќе се префрлени на банката на корисникот. Сето ова може да го зголеми ризикот во работењето.

Често пати банките во своето работење се изложени на многу типови на ризици во своите ФЏ-трансакции. Се случува банките да се изложени на ризик и преку ноќ, како и за време на викенди и празници. Големината на која се изложува банката зависи од тоа колку долг временски период покриваат договорените финансиски трансакции. Исто така важен е и периодот кој е потребен за порамнување на тие трансакции.

Доколку минималниот износ на изложеност на порамнување за ФЏ-трансакциите трае 48 часа, вредноста на преземените трговски активности секогаш ќе носи ризичен предзнак.  Но, доколку има потреба од додатни 24 часа за верификување на финалното порамнување за секоја купена валута, вредноста на преземените трговски активности ќе носи со себе уште поголем ризичен предзнак.

Деталната статистика воочува дека секоја банка на различен начин го мери времето на кое е изложена на ризик. Често пати се случува тоа време и да не се измери точно. Нивната изложеност на ризик може да достигне огромни размери, да биде вреднувана на огромни износи и да придонесе со несоодветното мерење на изложеноста и кон огромни загуби за самата институција. Изложеноста на ризик зависи и од тоа за какви договорни страни станува збор. Се случува институциите да работат рутински и по инерција сметајќи дека ако договорната страна во неколку досегашни наврати се покажала како страна која ги исполнува обврските дека тоа ќе го прави и во иднина. Поради тоа, според истражувањата кои се направени, многу банки се изјаснија дека со такви договорни страни без проблем договараат трансакции на износ и до 1 милион долари, со една договорна страна, за само еден ден, без притоа да утврдат каква е моменталната состојба на таа договорна страна. Ако ваквата практика се трансформира во актуелниот ризик со кој се соочуваат финансиските институции, оваа изложеност може да биде и до два или трипати повисока од тие износи, билатералната изложеност на ризик може да доведе и до ослабување на капиталот на банката и може да ја надмине краткорочната кредитна изложеност на банката во однос на други договорни страни.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

11 + 17 =