Девизен пазар и краток осврт на најчесто тргуваните валути во РМ- списание Економија и Бизнис

Автор: Весна Трајковска

Пазарот на девизи во РМ е значаен сегмент за целокупниот финансиски пазар и економијата на земјата кој постепено се развива, се карактеризира со стабилен курс на денарот и промет кој расте благодарение на подобрената бизнис клима, новите капацитети ореинтирани кон извоз, странските инвестиции во земјата. НБРМ е поддржувач на деловните банки секојдневно објавува податоци за вкупниот промет на девизниот пазар на банките во РМ. На пример прометот во првата половина од септември 2018 (353 милиони евра) е приближен на вкупниот промет од претходните два месеца заедно (380 милиони евра) што произлегува од зголемената надворешнотрговска размена која повлекува поголем тековен трансфер на девизи, зголемен промет на менувачкиот пазар  и на деловните банки со НБРМ.

Европската Унија е најзначаен трговски партнер на РМ и еврото е најтргувана валута од страна на клиентите со деловните банки, потоа следуваат американскиот долар, швајцарскиот франк, британската фунта и во помал обем австралискиот долар, канадскиот долар, јапонскиот јен. Движењето на валутите на светските берзи се одвива непрекинато од понеделник до петок освен викенд и е условено од низа фактори, информации и настани кои секојдневно се објавуваат и следат од страна на дилерите во банките преку информативни системи (Thomson Reuters, Bloomberg). Флуктуацијата на девизниот курс на валутите во голема мера зависи од стапката на инфлација во земјата, стапката на невработеност, каматната стапка на депозити, ценовни индекси, одлуки на централни банки, политичките фактори итн.

Во септември 2018 година, се означуваат точно 10 години од пропаѓањето на американската инвестициона банка Lehman Brothers што теоретски го обележува почетокот на економската криза чии последици се чувствуваат и денес. Од 2008 година банките, посебно европските, почнале постепено да ги намалуваат каматните стапки и сеуште се во зона на политика на ниски и негативни каматни стапки. Ако се направи ретроспектива, истата година ЕЦБ ја намалила каматната стапка од 4,25% на 3,75% кој тренд продолжил до 2016 година кога била намалена до 0,00%. Намалувањето на каматната стапка беше една од мерките во борбата против ниската инфлација во евро-зоната, додека програмата за квантитативно олеснување APP(Asset Purchase Programs) односно месечно нето купување на хартии од вредност од приватниот и јавниот сектор беше нестандардна мерка на монетарната политика со цел инјектирање ликвидност во банкарскиот систем. Речиси сите учесници на финансиските пазари очекуваат позитивни сигнали од Претседателот на ЕЦБ Марио Драги во насока на зголемување на стапката, но согласно неговите изјави тоа нема да се случи пред летото 2019 година, додека APP програмата во износ од 30 милијарди евра би траела до крај на септември 2018 година која потоа би продолжила во редуцирана форма од 15 милјарди евра до крај на оваа година кога би се укинала.

Случувањата помеѓу САД и останатиот дел од светот (посебно трговската војна помеѓу САД и Кина), падот на лирата и кризата во Турција влијаат врз движењата на поголемиот број валутни парови. Турбуленциите на т.н. Emerging markets – EM Markets (пр. Бразил, Кина, Русија, Иран, Турција) предизвикаа конвертирање на домашната валута во т.н. “safe haven currencies” или валути кои ги сметаат за сигурни во периоди на криза во домашната економија, во случајов американскиот долар и швајцарскиот франк кои бележат зголемена побарувачка која води кон апрецијација на истите. Поединечно за овие две валути може да се каже дека значаен фактор за движењето на американскиот долар беше одлуката на ФЕД за висината на каматната стапка која од јануари оваа година два пати беше зголемена (од 1,50% на 1,75%, односно на 2,00%), а се очекувааат уште две зголемувања до крај на годината и три зголемувања во текот на 2019 година (www.reuters.com). Со стапка на невработеност од 3,9%, инфлација блиску до таргетот од 2,00%, солиден раст на БДП, доларот нема индикации дека ќе паѓа до крајот на оваа година.

Кога во јануари 2015 година Швајцарската национална банка го напуштила минималниот девизен курс ЕУР-ЦХФ од 1,2000 и прекина да интервенира во случај на зголемена побарувачка на франци било оставено девизниот курс слободно да се формира, кога пораснал за повеќе од 20% (до нивоа ЕУР-ЦХФ 0,9900). Зголемената побарувачка за франци последните месеци (како “save heaven currency”) не ја предизвика Банката да превземе мерки заради високиот девизен курс, напротив го прифати заради неговата позитивна рефлексија врз депозитите и билансот на плаќање. Негативните каматни стапки кај ЦХФ се очекува да продолжат додека ЕЦБ не интервенира прва во тој сегмент од монетарната политика. Валутниот пар ЕУР-ЦХФ не се очекува да отстапува многу до крајот на годината од нивото на парот во септември.

Не постои сомнеж дека излезот на Британија од ЕУ кој треба да се случи во март 2019 година е историски момент, но и покрај тоа фунтата е стабилна и се опоравува од депрецијацијата по референдумот за Брегзит. Она што е во фокусот овој период е договорот Британија-ЕУ кој би требало да се реализира кон средината на ноември, но учесниците на пазарите се толку опседнати со Брегзит што зголемувањето на каматната стапка од страна на Банката на Англија (од 0,50% на 0,75%) не предизвика речиси никакво движење на фунтата. Трендот на парот ЕУР-ГБП до крај на годината ќе зависи од (не)постигнување на договорот со ЕУ, би апрецирал доколку се постигне договор а би депрецирал доколку не биде потпишан договорот Британија-ЕУ.

Случувањата на девизните пазари во светот може да влијаат врз надворешнотрговскиот промет на земјата и обемот на понуда и побарувачка на девизи, а со тоа врз средниот девизен курс ЕУР-МКД (во граници утврдени од НБРМ  61,47-61,72).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

4 × 4 =