На прагот на рецесија? Што велат водечките индикатори за бизнис циклусот- списание Економија и Бизнис

 

автор: Предраг Шапчески

Економските индикатори се статистички макроекономски променливи кои помагаат во анализирање на фазата во којашто се наоѓа бизнис циклусот. Согласно времето во коешто се случуваат, тие даваат индикација во која насока целосната економија се движи. Поради временските специфичности на економските индикатори, истите може да бидат водечки,  истовремени со промените, или задоцнети. Водечките индикатори се оние кои се менуваат пред да се случат макроекономските промени. Тие се едни од најважните индикатори кои им помагаат на аналитичарите и инвеститорите во нивните предвидувања за економијата во иднина. Токму затоа фокусот во оваа статија се овие индикатори.

Во текот на 2019 година на светско ниво се појави зголемен интерес за дискусија и анализа на промената во бизнис циклусот. Низ најразлични медиуми економистите ги даваат своите размислувања и предвидувања во поглед на следната рецесија. Дали треба да ја очекуваме во текот на наредните квартали или пак истата е веќе започната? Оттука, водечките индикатори се оние кои треба да дадат јасна слика за моменталната ситуација во светската економија и дали истата е пред очекуваната рецесија. Водечките индикатори се многубројни и тие се разликуваат во различни региони околу светот, но сепак, некои индикатори се конзистенти насекаде. Во продолжение разгледани се берзанските индекси, распонот на каматните стапки и композитот на водечки индикатори како едни од најважните.

Берзански индекси

Следењето на берзанските индекси на акции како S&P500 (САД) и Euro Stoxx 50 (Европа) се важен дел од предвидувањето на промените во бизнис циклусот. Oвој индикатор не е најважен, но е индикатор кој прв се анализира кај инвесторите, аналитичарите и медиумите. Цените на акциите произлегуваат во голема мера од очекувањата на инвеститорите за иднината, односно очекуваната заработка на компаниите. Доколку проценката за заработката на компаниите е точна, индексите може да бидат добар индикатор за насоката на движење на бизнис циклусот. Поради тоа вредноста на индексите е највисока пред економијата да биде во нејзиниот врв. Почнувајќи од 2009 година па сè до денес, индексот S&P500 е во постојан пораст. Во јули оваа година го достигна и својот врв од 3.083,82 долари. Преку овој индекс лесно се согледува дека акциите се со растечка тенденција. Сè додека инвеститорите се задоволни од заработката на компаниите, индексот ќе биде во нагорна линија, а истото покажува дека бизнис циклусот сè уште не е во својот врв. Сепак, следењето на овој индикатор како водечки има свои недостатоци. При т.н. „биковско“ расположение на пазарот многу е тешко да се предвиди точниот момент кадеште економијата е во врвот на бизнис циклусот.

Распон на каматни стапки (interest rate spread)

Во поглед на кривата на принос и распонот помеѓу каматните стапки, најактуелна тема се американските 10-годишни приноси од трезорски обврзници и каматните стапки на краткорочните тримесечни записи. Инвеститорите имаат можност да инвестираат во хартии од вредност со фиксни приноси и различни рочности, па неретко бараниот принос е пропорционален со преземениот ризик за инвестирање. Инвестирањето во краткорочни државни записи се смета за неризичен инструмент и оттука бараниот принос е низок, додека инвестирањето во долгорочни обврзници се смета за поризичен и аналогно на тоа бараниот принос е повисок. Во овој случај добиваме крива на принос којашто е растечка (искосена нагоре).

Сепак, ова не е секогаш правило и ако ги анализираме податоците од минатото ќе забележиме дека кривата на принос во повеќе наврати е превртена (инверзна). При ваква ситуација, инвестирањето во краткорочни хартии од вредност (како референтна точка се земаат тримесечните трезорски записи во САД) се смета за поризично и поради тоа инвеститорите бараат поголеми приноси на краток рок. Инверзната крива на принос е специфичен водечки индикатор бидејќи има долгогодишни докази за предвидување на промена на трендот во бизнис циклусот, односно почнување на рецесионен период во економијата. Во март оваа година, за прв пат по 2007, тримесечните приноси од записи беа повисоки од десетгодишните. Ова е јасен сигнал дека инвеститорите се несигурни за блиската иднина и ризикот од чување на краткорочни обврзници е поголем од долгорочните. Согласно овој индикатор, бизнис циклусот дава јасни индикации дека економијата е во нејзиниот врв и можностите за рецесивен период се блиску до нас.

Композит на водечки индикатори      

Композитот на водечки индикатори (Composite Leading Indicators) е креиран од страна на Организација за економска соработка и развој ( ОЕЦД ) со цел да дава информации за рани сигнали за пресврти во бизнис циклусот кои прикажуваат флуктуации на економската активност во однос на нејзиното долгорочно потенцијално ниво. Тој е креиран со цел да предвиди промени во трендот 6 до 9 месеци пред да се случи промена во бизнис циклусот. Индикаторите коишто го сочинуваат композитот се: набавки и нивоа на залихи, глобални финансиски индикатори на пазарите како цените на акциите и анкети за очекувањата на бизнис секторот. Композитот нуди информации за земјите-членки на ОЕЦД, а дополнително се пресметува и за некои растечки економии. Се пресметува еднаш месечно и го покажува трендот во економската активност. Согласно последниот извештај на 9 септември композитот продолжува да сигнализира стабилен моментум за развој. Одделно за најголемите членки, САД и Европската Унија, продолжува да антиципира намалувачки моментум за развој. За изминатите 12 месеци композитот за целосната ОЕЦД зона бележи намалување од 1,24 поени или согласно последните податоци има вредност од 99,00 кадешто износ од 100,00 претставува долгорочното потенцијално ниво, додека 99,00 е економската активност во зоната.

Земајќи ги предвид горенаведените индикатори, јасно е дека истите даваат измешани сигнали за насоката во којашто бизнис циклусот се движи во моментот. Од една страна, светските берзи сè уште покажуваат „биковско“ расположение на пазарот, кое е најдолгото во историјата и трае од март 2009 година. Од друга страна имаме јасен рецесивен показател кај распонот на каматните стапки кадешто за прв пат по 2007 година истиот е негативен. Дополнително од страна на ОЕЦД добиваме податоци за намален моментум за развој и вредности под долгорочното потенцијално ниво на економската активност. Измешаните сигнали се доволна причина за загриженост, но не се дефинитивен доказ за силна контракција на економијата или рецесија.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

18 + sixteen =