Перспектива на парите и системите на плаќање- списание Економија и бизнис

автор: Стојан Донески

Низ историјата парите како средство за плаќање се менувале согласно потребите на тогашното население и околностите кои владееле, од монети, хартиени пари, меници, чекови итн.  Со индустријализацијата и забрзаниот раст, се јави потреба од развивање на системи за плаќање кои би можеле да се носат со зголемената потреба од трансфер на пари. Во последните 50 години системите за плаќање потпомогнати од ИТ индустријата се развиваат со забрзано темпо.

Како што се развиваат системите за плаќање на пари, така и парите еволуираат односно се појавуваат првите електронски пари (електронски трансфер на пари), потоа се појавуваат и платежните картички кои денес се користат во најголема мера, се до картичките на супермаркети со кои се собираат поени, за потоа истите да се користат за купување на производи од истиот маркет, кои исто така се една форма на електронски пари. После развојот на ИТ индустријата и интернетот како форма за комуникација, електронското и интернет плаќањето зема замав во последниве дваесет години. Хартиените пари се поретко можеме да ги сретнеме во развиените држави, дигиталната форма на парите не е непознаница и нема да се зачудиме доколку на некој излог видиме натпис “не примаме кеш, само картички”.

Трансферот на пари денес се одвива многу брзо, сепак трошоците за тоа се многу високи и се движат од 7 до 10 % од сумата за трансфер. Годишно, глобалниот пазар за брз трансфер на пари тежи 38 милијарди долари. Големината на провизиите, како во релативен, така и во апсолутен износ, ги привлекува компаниите да бараат нови иновативни решенија да го поедностават и поефтинат брзиот трансфер на пари. Иако системите за плаќање растат и се модернизираат секојдневно, финансискиот пазар секогаш ќе има потреба од изнаоѓање на нови пософистицирани системи за плаќање, со кои би се зголемила сигурноста и брзината, со истовремено намалување на трошоците.

Развојот на апликации за комуникација, нивно поврзување на социјални медиуми како и можноста истите апликации да се користат и како алатки за плаќање и трансфер на пари, го менуваат односот кон банките и финансиските институции и воопшто перцепцијата на парите. Некои алатки за плаќање, наместо електронски пари поврзани со сметка во банка, користат тн. криптовалути. Криптовалутите се дигитален облик на валута која не е издадена или под контрола на ниедна централна банка. Криптовалутите не подлежат на ниедно национално законодавство и затоа не можат да се користат без ограничување. Криптовалутите својата популарност ја доживеаа во последниве неколку години во кои се повеќе трговци почнаа да ги прифаќаат криптовалутите во секојдневната трговија.  Криптовалутите, развојот на алатки за брзо плаќање, развојот на вештачката интелегенција и можноста за нејзино користење во банкарското работење и многу други теми беа теми на овогодинешниот Сингапурскиот финтек фестивал кој се одржа од 11 до 15 Ноември. Истиот имаше рекорден број на учесници, повеќе од 40,000 од над 100 земји. Од позначајните учесници можеме да ги издвоиме, Премиерот на Индија Нарендра Моди,  Кристин Лагард,  директор на ММФ, како и Канадскиот премиер Џастин Трудо.

Со развојот на ИТ технологиите, паметните телефони, апликациите кои овозможуваат плаќање како и криптовалутите кои земаат се поголем замав во секојдневните плаќања, централните банки треба да размислуваат за промена и прилагодување согласно новата реалност. Времето на промени кон дигитализација на парите е дојдено и централните банки треба да ги прифатат овие промени. Според Лагард, централните банки треба да размислуваат да воведат државни дигитални валути кои ќе бидат исто гарантирани и поддржани од државата која ги издава моменталните хартиени и ковани пари. Со воведување на државни дигитални валути покрај намалувањето на трошоците за трансфер на пари, дигиталната валута би имала сериозен удар врз сивата економија.

Доколку централните банки не ги дигитализираат парите, со растот на популарноста на криптовалутите, премногу моќ би се концентрирала на мал број на приватни провајдери на плаќања. Точно е дека депозитите во банките се веќе дигитални, но дигиталната валута би била обврска на државата како што сега се хартиените пари, а не обврска на приватна банка.

Централните банки на Канада, Кина, Шведска и Уругвај, веќе сериозно размислуваат во оваа насока и ги анализираат потенцијалните ризици и предизвици кои можат да произлезат од издавањето на дигитална валута. Како можни решенија се наведуваат можноста централните банки да издаваат токен, дигитален паричник или слично, и секој би имал лична сметка во централната банка која би ја користел за плаќање.

Во таа насока предизвици на дигиталната валути би биле:

а) финансиската инклузија на целокупното население – плаќањето со новата дигитална валута да е едноставно и достапно во сите делови на државата.

б) безбедноста, заштитата на потрошувачите и приватноста.

в) финансискиот интегритет -централните банки би можеле да дизајнираат дигитална валута, така што идентитетите на корисниците ќе бидат верифицирани преку процедурите за анализа на клиенти и трансакциите регистрирани.

г) финансиската стабилност – се отвара дилема, дали дигиталната валута ќе ја наруши финансиската стабилност?  Доколку сите правни и физички лица имаат сметка во централната банка, се доведува во прашање потребата од поседување сметка во приватните банки а со тоа да се доведе во опасност егзитирањето на банките.

д) намалување на интересот за иновација – доколку центалната банка понуди комплетно решение за плаќања од дигитален паричник, плаќања и тн. приватниот сектор кој е генератор на иновации не би бил заинтересиран кон развој на нови иновативни решенија.

Овие недостатоци и ризици би се надминале со едноставни технички решенија, законски решенија за заштита на приватноста како и поделба на надлежностите помеѓу централната банка и останатите учесници кои би добиле значителна улога во новиот свет на дигитални валути.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

twelve − 9 =