Психологија во тргувањето со девизи- магазин Економија и Бизнис

 

автор: Сашо Трајковски

Девизниот пазар претставува место каде што се сретнува понудата и побарувачката на пари деноминирани во една валута, кои се разменуваат за пари деноминирани во друга валута. Девизниот пазар не е институционализиран. Тој претставува мрежа на сите банки, дилети, трговци, market maker-и  во светот, кои прават овој пазар да работи речиси секој ден, деноноќно. Целта на секој учесник е иста. Остварување на профит.

Но, како да се биде успешен трговец со девизи (дилер)?

Дури и најдобрите спортисти промашуваат пенал во нивните најважни натпревари во кариерата. Тоа не е затоа што тие спортисти ги немаат потребните вредности и способности, туку затоа што нивната емотивната состојба во тој момент потклекна, затоа што доживуваат засилен стрес и страв од неуспех. Чувството на стрес и страв има големо влијание врз дилерите во носењето на одлуките во тргувањето со девизите. Способноста на управување со емоционалната состојба, сузбивајќи го стравот во себе, може во голема мерка да го подобри квалитетот на носењето на одлуки.

Психологијата на тргувањето со девизи е многу важна. Многу често психологијата, а  не недостатокот на едуцираност или вештини е причина за правење на грешки. Психологијата на тргување овозможува следење на зададените цели, без разлика на моменталните губитоци.

Најголем дел од луѓето запознавањето со девизниот пазар го започнуваат со техничка анализа на графиконите, со историски трендови на валутните парови. Дури потоа постои фундаментална анализа, зошто некои валутни парови се однесувале така како што се однесувале во минатото и како би се однесувале во иднина. Предизвикот се состои во тоа да се пронајде вистинска комбинација на алатки, кои ќе му овозможат на дилерот остварување на профит.

Тргувањето е како фрлање на паричка. Подеднакви шанси за успех имаат двете страни на паричката. Но целта е да се остварат што поголем број на фрлање на паричка со очекуван исход или едно фрлање на паричка да биде со “погоголема” очекувана вредност од загубите. Еден од најчестите примери на нестабилен психолошки профил на дилерот е раното земање на профитот. Доколку трендот на кривата на валутниот пар е поволен, потребно е да се остави кривата да работи за дилерот и што подолго да го одолговлекува земањето на профитот. Оваа реакција е причина за неуспех на голем број на трговци.

Дилерите може да чувствуваат самодоверба во нивните способности и остануваат смирени додека тргуваат на демо сметка. Но, сосема е поинаку кога се тргува во реална верзија. Кога дилерите се соочени со вистински финансиски одлуки, многу лесно подлегнуваат на емоциите. Луѓето по природа се насочени кон самите себе. Егото на луѓето бара потврда за да се докаже дека знаат што прават и дека се подобри од останатите. Проблемот е во тоа што истите тие дилери подлегнуваат на предрасудите на претерана самодоверба. Не е невообичаено дилерите да остварат победничка серија и да веруваат дека во иднина никогаш нема да погрешат. Верувањето во ова секако е погрешно. Потребно е постојано да се испитуваат чекорите. Тоа е единствениот победнички начин. Дозволете си да направите грешка и признајте ја грешката наместо да барате други виновници. Мора да се прифати фактот дека грешките се неизбежни, особено во раните фази. Тое е дел од учењето. Потребно е секојдневно да се вежба тргување, да се запишуваат белешки и истражуваат нови стратегии.

Пред да се започне со тргување, дилерот мора да има напишани процедури за тргување, секогаш без изклучок да ги почитува дадените процедури, да ги почитува зададените stop loss точки. Најважна од се е самоконтролата.

Пред почетокот на денот на тргување со девизи, дилерот мора да ги погледне графиконите и да погледне што се случувало на пазарот додека бил отсутен. Особено поради фактот што девизниот пазар работи по 24 часа на ден, речиси секој ден во годината, и невозможно е дилерот да биде постојано активен. На почетокот на анализата потребно е да се провери основниот тренд и временската рамка според која дилерот тргува. Се врши техничка анализа како се однесувале валутните парови во минатото. Откако ќе се направи техничката анализа, потребно е да се воспостави долгорочен тренд и да се пресмета веројатноста за неговото настанување. Потоа треба да се предвидат точките на “поддршка” и “отпор”, колку се цврсти тие точки и да се содзадат што повеќе технички формации на графиконот. Откако дилерот ќе ги собере сите овие информации, може да создаде стратегија и план за тргување во текот на денот. Важно е да се разработи и сценарио за носење на неочекувани одлуки затоа што пазарот е непредвидлив. Важно е да се заштити капиталот кој се вложува.

Откако ќе се постави се претходно наведено, важно е дилерот да одвои барем малку од своето време во читање на извештаите на најдобрите аналитичари  и коментарите на деловните банки. Што повеќе информации даваат појасна слика за пазарот.

Доколку некој е почетник во тргувањето, најдобро е да започне со тргување на демо верзија, а кога ќе започне да тргува на реална апликација барем да почетокот да биде под надзор на поискусен дилер. Златно правило на тргувањето со девизи е да не се прифаќа преголем ризик, зашто преголемиот ризик носи со себе и можност за голема загуба, односно дилерот мора да пресмета колкава загуба може да поднесе.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

six + 10 =