Каде се наоѓаат новите можности за инвестирање- списание Економија и Бизнис

 

автор: Снежана Поповска

Неодамна присуствував на еден настан за кој се зборуваше за нови инвестициски можности и предизвици. Сите бевме согласни дека сега е времето на “Милениумците” и дека треба да се осврнеме кон развивање на новите финтек компании. Но, тоа што не го спомнавме, а сакам да го споделам со Вас бидејќи се подеднакво важни, се таканаречените “Зелени компании”. Зошто баш нив?

Број еден фактор што ги загрижува луѓето во светот е глобалното затоплување и климатските промени кои се  предизвикани од емисиите на јаглерод диоксид и т.н. стакленички гасови во атмосферата. Зголеменото присуство на овие гасови резултира со глобално покачување на температурите кое би имало бројни негативни ефекти и непоправливи штети врз животната средина. Според Светската метеоролошка организација на Обединетите нации проекциите за порастот на глобалните температури се од 3 до 5 степени целзиусови што го надминува глобалниот таргет за ограничување на пораст на температурите до 2 степени целзиусови. Како последица на глобалното запотолување се: пораст на температурите, топење на мразот на поларните делови од планетата Земја, временски непогоди, поплави, зголемен број на суши и пожари, влијание врз здравјето на луѓето, изумирање на животински видови. Сега јавноста станува се повеќе свесна за овој проблем. Глобалното затоплување е се поважна тема и помеѓу владите во светот, а многу компании се обидуваат да станат еколошки посвени или “зелени” компании.

Што би значело тоа за инвеститорите? Во Соединетите Американски Држави главна тема на разговор која се однесува на климатските промени е потпишување на “Новиот зелен договор” (New Green Deal). Доколку се потпише договорот, несомнено ќе има огромно влијание и промена на американската економија и подобрување на социјалните услови на својот народ. Тоа што треба да го знаат инвеститорите е дека ќе се отворат многу нови можности за инвестирање на своите пари во компании кои дирекно ќе ја искористат оваа можност за “позелена економија”. Дури и да не се потпише договорот, многу земји стануваат свесни за потребата од заштита на животната средина и водење на економија која доведува до заштита на планетата Земја.  Иако инвестициите за зелените компании се поголеми, иднината на планетата Земја е токму во овие компании, кои ќе имаат долгорочен и одржлив развој.

Новите можности за инвеститорите се во изнаоѓање на акции и други хартии од вредност кои се веќе во согласност со трендот кон позелена и поздрава животна средина. Иако трендот е да се биде “зелен”, изнаоѓањето на конкретни инвестиции ќе бара малку повеќе работа и размислување на микро ниво.

Во прилог издвојувам една компанија која заслужува внимание да се погледне како инвестициска можност и анализа на истата.

Кенер Амедури, главен уредник и ко-основач на CrushTheStreet.com, интернет станица за финансиски и економски вести, предлага да се намалат инвестициите во традиционалните енергетски и комунални сектори и да се насочиме кон компании од секторот на обновливи извори на енергија. Еден од неговите избори е TerraForm Power. Според Motley Fool, компанија за инвестиционо советување, TerraForm Power повторно се наоѓа на списокот. TerraForm Power (TERP) е компанија со седиште во САД, која работи со производство и дистрибуција на обновливи извори на енергија преку соларни панели и ветерни турбини.  Минатата година компанијата ја зголеми својата дивиденда после неколку години посветени на зајакнување на финансиската позиција. Компанијата исто така вети дека ќе ја зголеми својата дивиденда од 5% до 8% до крајот на 2022 година. Резултатите од првиот квартал на TerraForm Power се доказ за нејзиниот успех, бидејќи нејзиниот готовински тек се зголеми за 30% во текот на годината по основ на акција. Во прилог на компанијата е и неодамнешното купување на шпанската компанија за соларни панели и ветерни турбини.

Технички гледано, може да се забележат неколку работи кои укажуваат на следното:

  • На дневниот графикон, DMI е многу висок. Историски гледано, нема многу вредности на графиконот што се читат како повисоки, што укажува на тоа дека тековниот тренд е блиску до врвот;
  • На неделниот графикон DMI континуирано губи сила;
  • Со оглед на тоа што акцијата заработи 47,36% од нејзиното неодамнешно ниско ниво, корекција би можела да биде во опсег од 10-15%.

Информциите кои се прикажани на графиконот укажуваат на поголема веројатност дека цената на акцијата ќе се намали. Сметам дека најдобро е прво пазарот да ја корегира цената, кое ќе придонесе за многу подобар влез и купување по пониска цена.

Гледано на краток рок, цената на акцијата може да се зголеми уште малку, но внимајте на RSI индексот кој почнува да формира дивергенција кој покажува потенцијални промени во насоката на движење на цената.

Во следниот графикон се прикажани перформансите на TerraForm Power и Energy Select Sector SPDY Fund за последните 200 дена. И покрај тоа што релативната сила и динамиката на енергетскиот сектор заостанува, цената на компанијата успева значително да порасне.

Со новите измени во законската регулатива, која сега дозволува физички и правни лица да може да инвестираат на меѓународниот финансиски пазар, се отвараат многу можности. Тоа што сакам да истакнам, без разлика дали тоа ќе бидат инвестиции во “зелени компани”, нови индустрии и технологии, секој инвеститор треба да биде свесен за своите можности и да има однапред добро дефинирана стратегија во поглед на ризикот/добивката која ќе му овозможи да биде активен учесник на пазарот на подолг рок. Како што би рекол Ворен Бафет – “Price is what you pay, value is what you get”.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

2 × two =