Перпетуална обврзница на домашниот пазар на капитал

автор: Елена Кузмановска

На 20ти септември 2018 година, Комисијата за хартии од вредност во Македонската банкарска асоцијација го презентираше новиот инструмент на пазарот на капитал – перпетуална обврзница. Комисијата ги призна перпетуалните обврзници како хартии од вредност во текот на јуни 2018 година. Перпетуалните обрзници немаат рок на достасување и затоа се перпетуални т.е. “вечни”. Овие финансиски инструменти можат да се вклучат во додатен основен капитал согласно Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот од НБРМ (Сл.Весник бр.218/2016), со што стануваат атрактивни за банките.

Во финансискиот свет, кога станува збор за перпетуална обврзница, најчесто се зборува за финансиски инструмент кој е помеѓу обврзница и акција. Од една страна нема датум на достасување (перпетуална) т.е. нема износ кој доспева и треба да биде исплатен на фиксен датум во иднина, по што наликува на акција, но исто така имателот својот принос го добива во форма на купони, редовни годишни исплати во фиксен износ и немаат право на глас, карактеристики по кои пак наликуваат на обврзниците.

Во Македонија, согласно Одлуката на НБРМ, во случај на стечај или ликвидација на банката се исплаќаат по инструментите коишто се дел од дополнителниот капитал на банката. Опцијата за откуп или отплата е дискреционо право на издавачот, но само по добиена согласност од Народна банка на РМ. Надоместокот (камата, купон) што може да им се распредели на имателите на ваков вид на обврзници, се врши од добивката расположлива за распределба, а банката има целосна дискреција во секое време да ја откаже исплатата на надоместокот за неограничен период и на некумулативна основа и без ограничувања да го користи неисплатениот надоместок за исполнувањето на своите обврски. Исто така истите може да се отпишат или пак да се претворат во инструмент од редовниот основен капитал. Врз база на сите овие карактеристики, како главни инвеститори се препознаваат инвестиционите фондови.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

20 − ten =