За Нас

Иако здружението АЦИ Македонија (или првично Македонски Форекс Клуб) официјално почнува со постоење во 1996г., раѓањето на интересот за дилерската работа, финансиските пазари и здружувањето во организации се јавува уште во времето на СФР Југославија. Во време на поранешната држава функционираше југословенскиот Forex клуб основан на иницијатива на тогашната НБ Југославија, Југобанка и Љубљанска банка кој во 1975г. по прифаќањето на статутот добива статус на полноправна членка во интернационалното АЦИ друштво. Меѓу членовите на претседателството е и Душка Илиевска од Стопанска банка Скопје. Во тој период претставници од Стопанска банка повремено присутствувале на разни обуки најчесто со соседна Србија со цел да ги унапредат своите знаења и да воспостават нови контакти.

Во годините по осамостојувањето на Македонија ентузијастите за формирање на вакво здружение повремено се среќавале во кафето “Лондон” за да дискутираат околу идеите за натамошните чекори и планови. Драгољуб Арсовски се смета за најзаслужен за донесените законски измени во 1996г. со кои се створиле услови за постоење на организација како АЦИ Македонија. Основачкото Собрание е одржано на 23.04.1996 во просториите на НБРМ на кое е усвоен Статутот и се избрани органите на Македонскиот Форекс клуб што е и неговото првично име. Бројот на основачи бил 10, а како најзаслужни за истото можат да се напоменат Душанка Христова (тогашна вицегувернерка на НБРМ), Синиша Велковски од НБРМ, Драган Димитров, Мите Лалевски, Звонимир Солтиров. Исклучителна важна била огромната поддршка од НБРМ, како од организациски така и од финансиски аспект, па така официјалните простории на здружението се наоѓале на 5-тиот кат во зградата на НБРМ.

За прв претседател на овој професионален клуб е избрана Викторија Мандичевска. Поради нејзините обврски во Лондон, титулата и одговорноста на претседател ја презема Милена Перчинкова која што на оваа функција е цели 10 години (1997-2008) во чиј што мандат организацијата граби напред со крупни чекори. Следен кој раководи со АЦИ Македонија е Емил Јакимов (2008-2018), а од оваа година организацијата доби свежа крв преку новиот претседател Бојан Цветановски со амбициозни планови за понатамошен развој.

Една од клучните години за АЦИ Македонија е 2001 во која што најпрвин поради исполнување на условите за прием во глобалното здружение, беа направени дополнувања во Статутот и промена на името од Македонски Форекс клуб во АЦИ Македонија – Здружение на финансиски пазари. Македонската делегација составена од неколку члена во полна подготвеност учествува на 42-от Светски конгрес во Сингапур по што здружението станува рамноправна членка (и тоа под уставното име) на глобалното семејство на АЦИ.

Важен период во историјатот на АЦИ Македонија е 2004г. кога со промена на законската регулатива полагањето на АЦИ сертификатите (Dealing & Settlement) станува задолжително за работа на позиција во финансиска институција која дејствува во овие области. Голема заслуга за овој процес му доделува на Ванчо Каргов кој е тогашен вицегувернер на НБРМ. Преку сето ова поединците освен со сертификат се стакнуваат и со конкретно знаење од областа кое ќе го применат во своите компании, ќе придонесат за развој на пазарот и директно ќе го зголемат значењето на АЦИ Македонија за напредокот на истиот.

Членови на здружението се дилерите вработени во комерцијалните банки и во НБРМ кои се во непосреден или посреден контакт со спот и девизни термински трансакции, девизни пласмани и трговија со благородни метали, како и раководните лица одговорни во овие активности. Основната цел на здружението е обединување на дилерите поради воспоставување на лични, пријателски како и професионални односи, зголемување на меѓусебната доверба, фер односи во работењето и размена на исксутва. Неразделен дел од целото е и веќе споменатата едукација која има за цел да ги развие и постојано усовршува нејзините членови околу новитетите на финансиските пазари.

АЦИ Македонија во својата историја веќе брои 22 одржани Годишни собранија. Иако низ годините на Собранијата продефилирале голем број на разни значајни домашни и странски гости, задржан е форматот каде што дел од програмата се донесување на одлуки, едукативни презентации и научни дискусии, како и можност за социјални активности и подобро запознавање меѓу членовите на здружението.

Нашата приказна продолжува…