Скибор

SKIBOR – Skopje Interbank Offered Rate е референтна каматна стапка на пазарот за пари во денари и претставува меѓубанкарска каматна стапка по која една референтна банка е подготвена да продаде денарска ликвидност на друга референтна банка.  Почнувајќи од 01.10.2018, важат новите Правила за избор и обврски на референтни банки кои поставуваат котации на каматни стапки за пресметка на SKIBOR и за процесот на пресметување на SKIBOR.

Согласно новите Правила, кои се целосно променети во споредба со претходните, за добивање на статус на референтна банка, банката треба да исполнува најмалку еден од трите услови, пропишани во членот 6 од Правилата. Претходно единаесет банки котираа каматни стапки за пресметка на СКИБОР, додека по усвојувањето на новите правила, шест банки ги исполнуваат условите и го прифатија статусот на референтна банка.

Сите референтни банки воспоставуваат детални интерни процедури за активностите поврзани со поставувањето на котации на каматни стапки за пресметка на SKIBOR. Референтните банки се должни да котираат каматни стапки за секоја од следниве стандардни рочности:

  • 1 недела SKIBOR 1W
  • 1 месец SKIBOR 1M
  • 3 месеци SKIBOR 3M
  • 6 месеци SKIBOR 6М
  • 12 месеци  SKIBOR 12M

Со тоа, повеќе не се објавува SKIBOR со рочност преку ноќ (O/N) и 9 месеци (9M), како што беше претходно случај.

Најмногу користени референтни каматни стапки во светот, кои се на некој начин пандани на SKIBOR претставуваат EURIBOR, LIBOR и Fed Funds Effective. EURIBOR (Euro Interbank Offer Rate) како референтна каматна стапка, објавена врз основа на просечните каматни стапки по кои банките во Еврозоната се подготвени да позајмат необезбедени средства на други банки, деноминирано во евра, се објавува за рочности од 1W, 2W, 1M, 2M, 3M, 6M, 9M и 12M. LIBOR  (London Interbank Offered Rate) претставува референтна каматна стапка според која банките кои учествуваат во котациите (панел банки) се спремни да си позајмуваат помеѓу себе и се објавува за пет валути (EUR, GBP, USD, JPY, CHF) и за седум рочности (O/N, 1W, 1M, 2M, 3M, 6M и 1Y).  Fed Funds Effective (САД), TIBOR (Токио) и STIBOR (Стокхолм), се само дел од референтните каматни стапки кои се објавуваат.

Листа на референтни банки:

  • Стопанска Банка АД Скопје
  • НЛБ Банка АД Скопје
  • Комерцијална Банка АД Скопје
  • Шпаркасе Банка АД Скопје
  • Про Кредит Банка АД Скопје
  • Халк Банка АД Скопје

 

Корисен линк:

Правила за Скибор