Девизен пазар-актуелни домашни и меѓународни движења- списание Економија и Бизнис

 

автор: Јане Настоски

На девизниот пазар и понатаму останува политиката на стабилен девизен курс, во опсег на движење на ЕУР/МКД  меѓу 61,47 и 61,72, курсеви според кои банките можат да купуваат и да продаваат евра со Народна банка на Република Македонија. Во овие рамки банките тргуваат меѓу себе врз пазарни професионално дефинирани принципи. Соодветно средниот курс на еврото се формира според котациите на банките поддржувачи кои тие ги истакнуваат секој работен ден на електронската платформа за меѓубанкарско тргување. Сите останати валути од курсната листа на НБРМ флуктуираат слободно во однос на македонскиот денар и нивната вредност зависи од движењата на меѓународниот девизен пазар. Учесници се компаниите од реалниот сектор, инвестициските фондови, овластени менувачници, банки од странство, приватни лица, сите овие субјекти тргуваат со домашните деловни банки со што финално ја креираат понудата и побарувачката на девизи и влијаат врз девизните позиции на банките. Домашните деловни банки пак тргуваат меѓу себе преку унифицирана електронска платформа така што на ефикасен и пазарен начин го усогласуваат недостигот и вишокот од девизи меѓу себе.

Во моментот  на девизниот пазар трендот е непроменет и преовладува понудата на девизи, што ја прави цената на еврото ниска (среден курс 61,49). Прометот останува на високо ниво иако има намалување во споредба со првите 4 месеци во 2018 година (3,000,000,000 ЕУР во 2018 година ; 2.750.000.000 ЕУР во 2019година), со најголемо учество на еврото од вкупниот промет, потоа американскиот долар и швајцарскиот франак. Во наредниот период не се очекува некоја поголема промена во трендот, банките на крајот на месецот ги порамнуваат своите позиции, што доведува и до допонителен притисок на страната на понудата на девизи на девизниот пазар. Понудата на девизи ке остане на високо ниво и покрај тоа што следува период на исплаќање на дивиденди од страна на големите компании кои се во странска сопственост и се очекува тргување во опсегот 61,47-61,55. Во текот на летниот период се очекува уште поголема понуда на девизи, најмногу од овластените менувачници. Во овој период со враќањето на работниците кои работат во странство се зголемува работењето на овластените менувачници, се зголемува и тргувањето со останатите валути освен еврото (УСД,ЦХФ,ГБП,СЕК,НОК,ДКК)  со тоа и понудата на девизи на девизниот пазар. Тој тренд се очекува да биде до крајот на годината.

На меѓународна сцена, глобалната економија е во деликатен момент. Оваа година таа ќе расте побавно од очекуваното што сигурно ќе се одрази и на нашата економија. Меѓународниот монетарен фонд со нови намалени прогнози за нашата економија, ни предвидува економски раст од само 3% за 2019 година. Нашата економија е мала и отворена и доколку дојде до намалување на странските инвестиции како и намалување на надворешната побарувачка за нашите производи домашните власти тоа нема да можат да го променат, туку само да го ублажаат. Затоа тие во наредниот период треба добро да се подготват, и со правилни мерки да овозможат подобар бизнис амбиент кој ќе резултира со подобрување на економските резултати во втората половина на 2019 година.

Во Европа во моментот најинтересни се случувањата околу брегзит, но и резултатот од трговкста војна која САД ја води со ЕУ и со Кина и на кој начин ќе влијае врз европската економија. И после речиси три години откако Велика Британија на референдум изгласа да излезе од ЕУ, парламентот сеуште не може да постигне договор за конечен излез на Британија од ЕУ и сеуште ја остава европската економија во неизвесна ситуација. Вредноста на британската фунта во последниот период бележи пад во однос на еврото и американскиот долар што е одраз на случувањата околу брегзит.

Големо влијание на светската економја ќе има и развојот на настаните помеѓу САД и Кина, како и состојбата на економијата во САД. Сад повеќе од двојно ги зголеми цараините за кинеските производи, што дополнително ја ескалираше трговската војна меѓу двете земји. Царините за увозот на кинеските производи во вредност од 200 милијарди американски долари се зголемија од 10 на 25 проценти, а Кина најави реципрочни мерки. Народната Банка на Кина одлучи да го девалвира курсот на кинескиот јуан со цел стимулација на извозот и одлучи да воведе зголемување на царините на 60 милијарди долари вреден увоз од САД . Претседателот на САД Г-дин Трамп исто така најави дека сака да воведе нови царини и за дополнителни 300 милијарди долари увоз од Кина, што јасно покажува дека Претседателот Трамп е незадоволен од бавниот напредок во односите меѓу двете држави  и фактот дека трговскиот дефицит на САД со Кина и покрај сите негови намери продолжува да се зголемува.  Каматната стапка на американскиот долар останува непроменета 2,50%, и очекувањата се дека нема да има промени во наредниот период. Исто така невработеноста во моментот е на ниско ниво и забележа пад на 3,585% што представува најниско ниво во последните 50 години.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

sixteen + 10 =