Времетраење на трансакциите и влијание врз ризиците

 

автор: Сашо Трајковски

Од суштинска важност во работењето на сите банки е да се истражува времетраењето на извршување на трансакциите и во колкав временски период банката се наоѓа во ризик во однос на неисполнување на договорот за склучените трансакции.  Секоја банка мора да специфицира два рока: рокот до кога банката може унилатерално да изврши поништување на налозите за плаќање и рокот во кој се идентификува дали порамнувањето е извршено според сите договорни услови или порамнувањето не е извршено на таков начин.

Рокот во кој банката може да го поништи својот налог може да се дефинира како крајно време во сите редовни и вообичаени ситуации, банката да може еднострано да го промени налогот за плаќање или да ги испрати инструкциите за плаќање со задоцнување. На пример, ако банката користи коресподентна банка со цел да го исполни својот дел од договорот, овој рок претставува времето до кога налогот за корекција може да биде испратен до својата коресподентна банка, пред коресподентната банка да започне со негово исполнување.

Вториот рок или времето кога се утврдува дали порамнувањето се завршило онака како што е договорено, се нарекува она време кое започнува со моментот кој е договорен за порамнување со договорната страна, а завршува во моментот кога банката е сигурна дека порамнувањето се извршило во предвиденото време и предвидениот износ или е направен некој пропуст во порамнувањето. На пример, доколку банката употребува коресподентна банка за прием на налозите за плаќање, ова време претставува времето кога банката ги проверува информациите кои ги добива од својата коресподентна банка и проверува дали е се во ред.

Со традиционалниот начина на работа, порамнувањето со себе носи и голем оперативен, ликвидносен ризик, кој е идентичен со вредноста на договорените трансакции. Секоја страна е изложена  на овие ризици, бидејќи во секој момент може да стравува дали спротивната страна ќе ги подмири своите обврски.

Изложеноста кон ризик стартува во оној момент кога се склучува и договорот, т.е. во оној момент кога веќе не е можно да се повратат средствата кои се веќе исплатени. Изложеноста на ризик престанува во оној момент кога се комплетира целокупната трансакција. Иако трансакцијата се комплетира со завршувањето на периодот и со комплетирањето на финансиските трансакции од двете договорни страни, сепак целиот процес не е завршен се до оној момент кога двете договорни страни направат ревизија на целиот процес и утврдат дали се било онака како и што очекувале.

На пример банката А има склучено спот договор со банката Б, каде што продава јапонски јени за американски долари. Договорот е склучен Т+2.

Со цел да ги исполни своите обврски банката А испраќа инструкции на неговата коресподентна банка во Јапонија, со молба да исплати определен износ на јени на банката Б, на денот за порамнување Т+2. Јапонската коресподентна банка ги извршува инструкциите кои ги добила од банката А, со задолжување на сметката која банката А ја има во јапонската банка и ги трансферира јените до банката Б (преку коресподентната банка на банката Б во Јапонија) преку релевантен платен систем.

Истовремено, банката Б ја порамнува нејзината страна од договорот во идентичен процес, при тоа давајќи иснтрукции на неговата банка во САД, да трансферира американски долари до коресподентната банка на банката А во САД.

Погледнато од аспект на банмката А, изложеноста кон ризик започнува во тој момент кога ќе ги испрати инструкциите за трансфер на финансиските средства до нејзината коресподетна банка во Јапонија со цел да се трансферираат јени на банката Б. Во отсуство на поинаков договор од стандардниот, банката А може да ги префрли бараните средства во било кое време на денот Т+2. Најдоцен рок за отповикување на дадените инструкции е моментот на започнување на работното време на банката А, односно на јапонскиот платен систем. До тој момент, банката А има можност да го отповика својот налог со инструкциите за плаќање.

Изложеноста на ризик за банката А престанува во оној момент кога на сметката на неговата коресподентна банка во САД ќе се појават бараните финансиски средства (американски долари) Коресподентната банка во САД може да не ги добие очекуваните финансиски средства на денот на доспевање.

Во иста ситуација се наоѓа и банката Б. И оваа банка користејќи го традиционалниот начин на порамнување се соочува со оперативен и финансиски ризик.

Во претходно анализираниот случај, временската разлика и ризикот кој произлегува од временската разлика, паѓа на товар на банката А. Поради тоа што продава валута во земја која има временска зона попогодна од американската временска зона. На американските институции денот Т+2 започнува тогаш кога во јапонските институции денот Т+2 е завршен.

Постојат два временски периоди на времетраење на ризикот. Ризик кој трае од моментот на склучување на договорот, до моментот на доспевање Irrevocable risk (Ризик И) и ризик кој постои додека се врши ревизијата дали се е добро завршено Uncertain risk (Ризик У). Потребно е да се синхронизираат овие два видови на ризици и да се направи добра анализа, пред се за бонитетот на деловниот партнер, со цел да се избегне овој ризик.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

seven − four =