Економија и Бизнис- Компромис помеѓу ценовната и финансиската Стабилност (осврт на монетатарните политики на ЕЦБ и ФЕД)

 

автор: Дејан Граорковски

По долгиот период на невообичаено ниски каматни стапки, на пазарите постоеше загриженост  дека кога централните банки нагло ќе ги зголемат каматните стапки, тоа би можело да резултира со одреден негативен исход. Случувањата на глобалните финанскиски пазари во изминативе две недели (пропаѓањето на неколку банки во САД и спасувањето на “Credit Suisse“ во Европа), послужија како остар потсетник дека сепак постои потреба за компромис помеѓу затегнувањето на монетараните политики и одржување на финансиска стабилност.

Најпрво, американската банката “Silicon Valley“ на 8-ми март објави план за продажба на своите акции во износ од 2.25 милијарди долари, истовремено пријавувајќи значајни загуби на своето инвестициско портфолио. Следствено, веќе наредниот ден акциите паднаа за 60% при што Федералната корпорација за осигурување на депозити (понатаму во текстот FDIC) донесе одлука оваа банка да престане со работа.

Иако “Silicon Valley” не се сметаше за системски значајна банка, сепак нејзината неликвидност ги принуди Федералните Резерви да дејствуваат со цел да спречат понатамошна “системска зараза”. Брзата интервенција на ФЕД, кои успеаја да обезбедат сеопфатна  гаранција за депозитите, како и да обезбедат дополнителна ликвидност за други загрозени банки (преку вреднување на нивниот колатерал, записи и обврзници на САД по номинална цена), укажува на значителна загриженост во однос на “финансиската зараза” која евентуално би следела.

Слична судбина доживеа уште една американска банка “Signature Bank” на 12-ти Март. Имено, ова е 3-та најголема банка во историјата на САД што прогласила банкрот, пред се како резултат на рапидно повлекување на околу 20% од целата депонетна база. Иако оваа банка немаше голема изложеност на крипто пазарот, сепак регулаторот изгуби доверба во менаџментот на банката и таа заврши под мониторинг на FDIC.

Следствено на погоре споменатите настани, загриженоста во врска со стабилноста на банкарскиот сектор брзо се прелеа преку Атлантикот, што резултираше со пад на 2-та најголема банка во Швајцарија и 19-та во Европа, “Credit Suisse“ која е основана пред 167 години. Оваа банка со години ја губеше довербата на инвеститорите и клиентите, а сето тоа кулуминираше кога претходната недела, на 16-ти март, овој банкарски гигант целосно ја загуби довербата од клиентите. Акциите на банката паднаа за 25 проценти, се одлеваа средства од инвестициските фондови со кои управуваше, и во еден момент сопствениците на сметки повлекуваа депозити во износи од  повеќе од 10 милијари долари дневно. Итниот заем во износ од 54 милијарди франци од страна на “SNB” не беше доволен да се спречи одливот на средства па швајцарските власти и централната банка како единствено решение овозможија банката “UBS” да ја превземе “Credit Suisse“ за износ од околку 3,25 милијарди долари се со цел обезбедување на финансиска стабилност и  спречување на можен домино ефект кој би се прелеал во Европскиот банкарски сектор.

Земајќи ги предвид овие настани, целото внимание на инвеститорите и финансиските пазари се насочи кон тоа  во која насока во  иднина ќе се движат монетарните политики на централните банки, првенствено на ФЕД и ЕЦБ.

На состанокот на ЕЦБ  кој беше оддржан на 16-ти Март, повеќе во фокусот беше загриженоста околу високата инфлација отколку за финансиската стабилност. Со цел да ја заузда инфлацијата, ЕЦБ според најавата, донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки од 0.50пп со што к.с. на депозитите се искачи на 3%. Објаснувањето за ваквата одлука е дека инфлацијата (особено базичната) се предвидува да остане висока подолг период споредено со првично антиципираното. Според најновите анализи, нивото на инфлација  во Еврозоната се очекува до 2025-та год. да биде над таргетираното ниво од 2% на ЕЦБ. На прашањето во која насока би се движела монетарната политка во наредниот период, Претседателката на ЕЦБ (за разлика од претходните состаноци), не понуди јасен одговор и истакна дека одлуките ќе се носат врз основа на ажурирани економски и финансиски податоци, основен раст на цените, како и степенот на трансмисија на монетарната политика во реалната економија. Иако ЕЦБ не навести каква би била одлуката на следниот состанок кој би се оддржал во Мај, сепак некои предвидувања укажуваат на уште две зголемувања на основните к.с. од по 0.25п.п. во Мај и Јули  со што к.с. на депозитите би достигнале 4%. Очекувањата се до крајот на годината тие да се задржат на ова ниво, а евентуално намалување може да се очекува најрано на почетокот на 2024-та година.

По состанокот на ЕЦБ, целиот фокус на инвеститорите и финансиските пазари се сврти кон исчекување на одлуката на ФЕД, односно правецот во кој ќе се движи монетарната политика. И покрај загриженоста дека повисоките каматни стапки би можеле да ја загрозат стабилноста на банкарскиот систем, сепак на состанокот одржан на 22-март, ФЕД ја продолжија својата едногодишна борба против високата инфлација преку зголемување на основната к.с. за 0.25п.п. На состанокот, ФЕД предупреди дека финансискиот пресврт што произлезе од колапсот на две големи банки веројатно ќе резултира со построги кредитни услови и ќе влијае врз економската активност, вработеноста и инфлацијата. Дополнително, на овој состанок ФЕД сигнализираше дека на повидок е крај на политиката за раст на к.с. со што би се ублажила паниката во банкарскиот сектор, како во САД така и во ЕУ. Согласно новите предвидувања, на наредниот состанок во Мај, би следело уште едно а можно и последно покачување на к.с од 0.25п.п, односно референтната стапка би изнесувала 5%-5.25%. Следствено, евентуалното олабавување на монетираната политика би се очекувало не порано од  крајот на 2023-та година.

Стравовите од зголемениот системски ризик се рефлектираа и на светските валутни пазари, каде што во текот на актуелниот период беше забележана зголемена волатилност кај валутите од Г-10 економиите. По прес-конференцијата на ФЕД, американскиот долар падна во однос на ЕУР и достигна ниво од 1.0920 УСД за 1 ЕУР. Според моменталниот консензус од неколку финансиски институции, валутниот пар ЕУР/УСД би се движел во следниот правец:  1M 1.07; 3M 1.08; 6M 1.10; 12M 1.11. Прогнозите за движењето на валутиот пар ЕУР/УСД до крајот на годината треба да се земат со значителна доза на  резерва бидејки во моментов постои голема неизвезност околку идните изгледи на светската економија.

Неодамнешните случувања го потенцираа компромисот којшто треба го направат централните банки во однос на водењето на монетарните политики. Поумерен раст на каматните стапки имајќи ги предвид ризикот од загрозување на стабилноста на банкарскиот систем како и влијанието врз цеколупниот глобален и економски раст, или продолжување на заострените каматните услови како одговор на инфлацијата којашто  трае.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

sixteen + eleven =