Економски индикатори кои се релевантни за движењата на девизните пазари во светот

 

Автор: Весна Трајковска

Волатилноста на финансиските пазари, освен од понудата и побарувачката, е предизвикана и од секојдневни настани, објавени податоци, одлуки на значајни институции во светот (централни банки, организации) и низа економски индикатори. Трговците и инвеститорите на светските пазари ги следат промените во економските календари и навремено реагираат со цел остварување поголема заработка, додека аналитичарите и експерите ги користат во интерпретирање на  моменталните и идни можности за инвестирање или, накусо кажано, економските индикатори го презентираат здравјето на една економија.

Најчесто следени и клучни за развојот на земјата се каматните стапки на депозитите, стапката на невработеност, стапката на инфлација, бруто домашниот производ, ценовните индекси, состојбата на тековната сметка и други, кои имаат различно влијание на девизните пазари и одлуките на инвеститорите.

Тргувањето со валути индицира следење на состојбите во економиите во кои истите се домицилни. Прв индикатор кој најмногу влијае врз движење на финансиските пазари генерално во светот се каматните стапки (federal funds rate) кои ги објавуваат централните банки на секоја од земјите, иако тие се движат на многу ниско ниво (речиси нула) подолго време. Последната информација од страна на Федералните резерви на САД е дека се планираат две зголемувања на истите (сегашно ниво 0,25%) до крај на 2023 година, што предизвика мал пораст на американскиот долар во однос на останатите валути, бидејќи сигналите за пораст или пад на каматните стапки влијаат врз апрецијација или депрецијација на домашната валута. Европската централна банка по намалување на каматната стапка (Main Refinancing Rate) на 0% во 2016 година не дава знаци дека во блиска иднина би ја променила, се додека не се исполнат одередени услови во економијата (раст на инфлацијата и вработеноста). Швајцарската централна банка има најниска каматна стапка во светот (-0,75%), која не е променета од 2015 година, но интервенира врз апрецираниот швајцарски франк преку купување девизи, така што Банката во 2020 година купила 110 милијарди франци, а 296 милиони франци се купени во првиот квартал од 2021 година.

Стапката на невработеност, која еднаш месечно се објавува од страна на бироата за статистика во секоја земја, е индикатор кој може во голема мера да ги раздвижи валутите, посебно во големите економии како САД, Австралија, Кина. Американскиот податок за број на вработени лица, со исклучок на фармерската индустрија (Non-farm Employment Change), е витален сигнал за целокупната економска активност на земјата, додека во австралиската, кинеската и останатите економии промената во бројот на вработени се однесува на сите сектори. Така, на пример, откако во мај 2020 година беше регистрирана највисоката стапка на невработеност во САД (14,7%) во последните 80 години доларот бележи континуиран тренд на опаѓање, што не е случај кај останатите валути, како австралискиот долар, британската фунта, швјцарскиот франк, но и скандинавските норвешка, шведска и данска круна, кои по достигнување на висок депрециран курс во март 2020 година бележат тенденција на раст. Куповната моќ на потрошувачите е во тесна корелација со условите на пазарот на труд и значаен фактор за монетарната политика. Теоретски, пониска стапка на невработеност подразбира апрециран курс и обратно, повисоката стапка доведува до депрецијација на валутата.

Големите светски економии долго време се обидуваат да постигнат  годишна стапка на инфлација од 2% до 3%, применувајќи разни мерки, пред се кратење на каматните стапки. Секоја промена во нагорна линија кон таргетот од 2-3% е позитивен сигнал за девизните пазари. Периодот на пандемија предизвика корекции на стапката, што во мал дел се должи на зголемените цени на енергија и храна во глобални рамки. На пример, последниот месечен податок покажува дека инфлацијата во САД е 0,6%, во Австралија 0,9%, Швајцарија 0,6%, Кина 1,3%, а во Еврозоната е 1,90% и секоја од нив се обидува да го достигне таргетот.

Податоците за бруто домашниот производ на секоја земја предизвикуваат позитивни сигнали на девизниот пазар доколку тој расте или може да доведат до движење на валутата во надолна линија ако резултатот е помал од оној кој го предвиделе економистите. Кај трговскиот биланс на една земја позитивниот податок укажува дека повеќе добра и услуги се извезени отколку увезени, што директно влијае врз побарувачката на девизи. За време на пандемијата најбаран е швајцарскиот франк, кој се купувал како резервна валута, чија вредност (во однос на останатите валути) остана висока и покрај интервенциите на Швајцарската централна банка да го депрецира, за што во претходната година беше ставена на листата на валутни манипулатори од страна на САД.

Индикаторот за малопродажба (Retail Sales) е првиот сигнал за потрошувачката способност на населението во една земја, односно дали е на пат кон експанзија или контракција. Оттука произлегува дека поголемите малопродажби добро влијаат врз девизните пазари бидејќи валутата повеќе се побарува и со тоа се стимулира девизниот курс да оди нагоре.

Валутите кои флуктуираат се детерминирани не само од гореспоменатите, туку и низа други економски индикатори, како на пример дозволи за градба, производствена активност, износ на залихи, пазар на недвижности, но и цената на нафтата, златото и на другите балогородни метали. Согласно тргувањето и потребата за одредени валути, девизните курсеви постојано се движат и точното предвидување за идните трендови често пати не се реализира бидејќи непредвидени состојби за кратко време би можеле да предизвикаат шокови на финансиските пазари.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

12 − three =