Претседателските избори во Соединетите Американски Држави и последиците врз промената на вредноста на американскиот долар- списание Економија и Бизнис

 

автор: м-р Јован Кипријанов

На почетокот на ноември 2020 година треба да се одржат претседателски избори во Соединетите Американски Држави, на кои како кандидати за претседател би се соочиле Доналд Трамп, како претставник на Републиканската партија, и Џо Бајден, како претставник на Демократската партија. Неизвесна е победата на кој било од кандидатите на овие избори, а исходот од нив има големо влијание врз финансиските пазари во светот.

Вообичаено изборите имаат позитивно влијание врз економијата во САД, но овојпат околностите се различни поради новонастанатата ситуација со пандемијата на корона вирусот. Оттука како најзасегнатa од сите останати валути може да се издвои американскиот долар, кој во најголема мера зависи од случувањата во економијата на САД.

На почетокот од пандемијата на корона вирусот американскиот долар стана најсигурна валута (safe haven) за инвестирање во светот (заедно со јапонскиот јен), така што валутниот пар ЕУР/УСД кон средината на март 2020 година го достигна највисокото ниво во однос на еврото (1,0658), односно нивото од април 2017 година, како последица на зголемената побарувачка на американски долари и на потребата од ликвидност во оваа валута. За разлика од тој период, во последните три месеци парот го регистрираше најниското ниво забележано во последните две години (1.1941), што ја покажува големата волатилност на валутата во период на поголеми промени и движења на светските финансиски пазари. Индексот на американскиот долар се намали за речиси 7% во последниот тримесечен период, иако во првите три месеци од годината континуирано растеше. Имајќи го предвид економското закрепнување на Европа од пандемијата на коронавирусот, како и начинот на справување, воведување рестрикции и олабавување на мерките во споредба со оној на  САД, се констатира дека тоа придонело за послаб долар во однос на еврото.

Самото појавување на КОВИД-19 создаде ликвидносна криза, по која следуваше соодветна реакција од Федералните резерви на САД (FED), кои воведоа програма за квантитативно олеснување (Quantitative Easing), со која референтната каматна стапка беше намалена на 0,00-0,25% на неодредено време. ФЕД ветија дека ќе купат неограничен износ на американски благајнички записи, како и хартии од вредност со цел инјектирање повеќе средства за помош на институциите.

Можни се повеќе сценарија за тоа какво би било нивото на американскиот долар по претседателските избори во зависност од нивниот исход. Сепак, со оглед на присуството на зголемена изборна, општествена и несигурност од КОВИД-19, голема е неизвесноста и тешко е да се излезе со точно предвидување како би изгледало нивото на доларот по изборите. Додека Републиканците повеќе се залагаат за интервенции на слободниот пазар, Демократите се насочени кон берзите и Wall Street, каде се продаваат акции и обврзници деноминирани во долари, односно едноставно кажано Републиканците повеќе го поддржуваат силниот долар, додека победата на Бајден би значела депрециран долар во следниот период.

Двајцата кандидати имаат различни визии и стратегии за иднината на САД. Доколку Доналд Трамп биде повторно избран за Претседател, поверојатно е во вториот мандат во поглед на фискалната политика да се залага за пониски даноци, со тоа што би го намалил финансискиот товар врз корпорациите и би го стимулирал економскиот раст. Администрацијата на Доналд Трамп би сторила сѐ што е потребно за да го забрза закрепнувањето на економијата. Во февруари 2020 година, Федералните резерви добија помош од 3 трилиони долари, која го зголеми нивниот биланс на состојба, преминувајќи од 4,2 трилиони на 7 трилиони долари средства наменети за поддршка на најпогодените сегменти. Кога Доналд Трамп го започна својот прв мандат во 2016 година економијата беше во релативно добра состојба. Но неговиот втор мандат би започнал во многу различни околности имајќи предвид дека во текот на 2020 година САД се соочија со жестока трговска војна со Кина, голем економски пад поради Ковид-19 и широко распространети социјални немири. Сите овие настани придонесуваат за историски високи нивоа на несигурност на пазарот на капитал, а Претседателот Трамп и сам себе се пропагираше како Крал на долгот, што подразбира дека она што САД го очекуваше од својата валута во предвирусната економија не е исто со настаните потоа.

Од друга страна, Џо Бајден е повеќе наклонет кон покачување на корпоративниот данок од 21% на 28% и давање приоритет на поголеми вложувања во здравствениот систем, зголемување на минималните примања и обезбедување поголема поддршка за домување и образование на федерално ниво. Оваа промена би можела и да ја наруши довербата на пазарот на глобално ниво, особено ако има притисок врз Федералните резерви на САД за монетарно финансирање на државните трошоци. Сето ова сугерира дека спроведувањето на политиките на Џо Бајден би можеле да резултираат со пониско ниво на доларот.

Европските политички лидери ја претпочитаат стабилноста на режимот на Џо Бајден наспроти дипломатската нестабилност на Трамп без оглед на нивото на девизниот курс. Дури и доколку доларот остане на ниско ниво, шансите за валутна војна со еврозоната би биле далеку помали со Џо Бајден како претседател на САД.

Според резултатите од досегашните анкети, Џо Бајден е во двоцифрено водство пред Доналд Трамп. Но, земајќи ги предвид пандемијата на Ковид-19, широко распространетите социјални немири и непредвидливата природа на Доналд Трамп многу промени можат да настанат од сега до денот на изборите.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

five × two =