COVID-19: Економските последици врз светската економија и нивно амортизирање- списание Економија и Бизнис

 

автор: Дејан Граорковски

Во изминатиов месец, на глобално ниво, сме сведоци на големи падови и волатилнoсти на  берзите и финанскиските пазари какви што за последен пат беа забележани за време на големата финансиска криза 2008-09 година. Додека во тоа време најголеми “виновници” за настанатата криза беа финансиските институции, овој пат причинителот е доста нетипичен. Новонастанатата ситуција е резултат на големото ексопненцијално ширење на респираторниот “Корона вирус” (попознат како COVID 19) од Кина кон Европа, а на крај и во САД. Од вирусот моментално се заболени жители на околу 150 земји ширум светот. Моментално, неговото ширење претставува најголема закана за светската економија и глобалните финансиски пазари.

Поради ваквиот развој на ситуацијата, СЗО на 11ти март донесе одлука да прогласи состојба на глобална Пандемија.

Од Вирусот COVID19, кој за првпат беше детектиран кон почетокот на  јануари во градот Вухан (дел од Провинцијата Хубеи) во Кина, до 11-ти март 2020 беа заболени 81.250 кинези, а 3.253 починаа (главно жители на Вухан). Токму кога кон крајот на февруари, кинеските власти успеаа да го локализирааат ширењето на вирусот, тој започна масовно да се шири низ Европа, најмногу во Италија и Шпанија, за во моментов САД и Италија ја надминат Кина по бројот на заразени жители. Статистиките од Италија се застрашувачки, со тоа што бројот на починати достигна рекордни 10.779, а речиси идентична е и ситуацијата во Шпанија. Ниту Балканскиот полуостров, вклучувајки ја и нашата држава, не останаа имуни на овој вирус. Сепак бројот на заразени и починати е доста помал од погоренаведените региони.

Поради енормното и брзо ширење на вирусот, за кој сеуште нема соодветна вакцина и лек, државните влади беа приморани да превземаат ригорозни мерки со цел запирање на понатамошната експанзија.

Поучени од справувањето на Кина со вирусот и препораките на СЗО, европските и светските власти воведоа мерки со кои ќе се ограничи движето на граѓaните и нивната интеракција, односно социјално дистанцирање на целокупната популција. Најпрво, се прекина со наставата во воспитно образовниот процес, односно се затворија градинки, училишта, факултети. Воведени се забрани за одржување и собирање на настани од затворен и отворен карактер односно затворени се кино сали,  театри и oстанати објекти од ваков карактер. Исто така се воведе забрана за работење на речиси сите угостителски објекти како што се кафетерии, барови, ресторани. Речиси сите држави воведоа карантин, без можност за влез во земјите, додека комерцијалниот транспорт е целосно стопиран.  Мерките резултираа со празни хотели, откажани туристички аранжмани и приземјување на комерцијалните летови.

 

 

 

Запирањето на одредени економски активности како и забраните за движење и групирање на граѓаните несомнено предизвикуват штета врз целокупната економија. Светската Банка, ММФ и ОЕЦД веќе ги калкулираат штетите со што драстично ги намалија првичните предвидувања за раст на глобалната економија од 2.9% на 2.4%. ММФ дури и официјално објави дека Глобалната економија веќе навлезе во фаза на рецесија.

Големата паника кај инвеститорите од неизвесноста поврзана со COVID19 придонесе за голем пад цените на акциите на главните пазари на капитал.  Главниот индекс на најголемите американски компании S&P500 падна за околу 25% во првите три недели од Март. Понатаму, индекси на најголемите економии во еврозоната паднаа длабоко во црвената зона. Германскиот DAX, францускиот CAC и индексите на берзите во Италија и Шпанија забележаа просечен пад од околу 25% на месечно ниво, додека лондонскиот FTSE 100 во истиот временски период се стопи за околу 18%. Негативниот ефект од Covid19 не ја заобиколи ниту Македонската Берза. Имено, за само две недели во месец Март индексот  МБИ10 загуби 34.5% од вредноста. Податоците на берзата покажуваат дека последен пат вредноста на МБИ10  била под границата од 4.000 индексни поени во август изминатата година.

Намалувањето на глобалната економска активност значително ја намали побарувачката на нафтата што резултираше со пад на цената на најниско ниво во последните 15 години. Следствено, тоа резултираше со драстичен пад на валутите во државите кои голем дел од својот БДП го остваруваат преку продажба на овој енергенс (ЦАД,НОК,РУБ). Допонително, фјучерс цените на индустриските метали како што се бакарот,цинкот и алуминиумот забележаа пад од 17%,10% и 12%, соодветно.  Првично објавените показатели за кинеската економија, експлицитно ја рефлектираат штетата од превземените мерки врз стопанството. Имено, во првите два месеци од 2020 година во споредба со истиот период од 2019та, продажбата на мало и индустриското производство бележи значителен пад од 20.5% и 13.5%, соодветно.

Воведувањето на карантин од страна на повеќето земји, забраните за движење и групирање на граѓаните (социјално дистанцирање), како и строгите рестрикции за патување, значително придонесоа за парцијално или целосно запирање на одредени економски активности.  Ваквиот развој на ситуацијата драстично ја намалија потрошувачката на граѓаните и на компаниите.  Според првичните статистики, целокупната потрошувачка во март месец, на глобално ниво е намалена за 60% (ако се иземат намирниците) во споредба со истиот период  минатата година. Најпогодени се услужните дејности како на пример угостителството, туризмот, комерцијалниот транспорт. Исто така, поради прекинот во глобалниот синџир на снабдување се претпоставува дека следни на удар ќе бидат автомобилската и електронската индустрија. Ниту нашата економија не остана имуна на превземените мерки за борба против COVID19, при што најпогодени се најдоа дејностите: транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна, уметност забава и рекреација.  Сите овие дејности придонесуваат со околу 15% во целокупниот БДП на С. Македонија.

Денес, кога е веќе јасно дека глобалната економија ќе претрпи огромни штети предизвикани од вирусот, светот севкупно започна да ги дефинира мерките (монетарни и фискални) за ублажување на разорните ефекти од карантинот, односно од неработењето и излоацијата.

 

Централните банки на светско ниво превземаа експанзивни мерки за да ги подржат економиите во услови на ширење на вирусот. ФЕД на САД во два вонредни состаноци за рок од една недела, ја намали референтната к.с. на 0%-0.25%, која пред почетокот на кризата беше 1.75%. Притоа, ФЕД објави повторно започнување на програмата за квантитативно олеснување така што во следните месеци ќе откупува обврзнци во износ од најмалку 700 милијарди долари, од кои домашни државни обврзници во износ од 500 милијарди долари и агенциски хипотекарни обврзници во износ од 200 милијарди долари. Вкупно е најавено дека ФЕД ќе обезбеди ликвидност од 5 илјади милијарди долари преку различни пакети (пр. купување на подолгорочни обврзници),  со цел да ја одржи стабилноста.

Европската централна банка донесе одлука за имплементирање на пандемски пакет (ПЕПП) со кој ќе откупува обврзници во износ од 750 милијарди евра до крајот на годината. Само неколу дена претходно, ЕЦБ го зголеми износот на купување државни обврзници од 20 на 120 милијарди евра, така што до крајот на годината се планира ликвидност од 870 милјарди евра во банките од еврозоната.  Оваа програма се разликува од претходно затоа што ќе се прошири опсегот на хартии од вредност  кои ќе се откупуваат. Ќе вклучува откуп на комерцијални записи, а и грчките обврзници за првпат ќе влезат во ваква програма. По ваквите одлуки напоредно и други централни банки превземаа експанзивни мерки. Централната Банка на Кина ја намали задолжителната резерва на банките за цел процент, додека Банката на Англија го зголеми за 50% износот на квантитативно олеснување и сега изнесува 635 милијарди фунти.  Исто така Народната банка на РСМ превзема низа на мерки. Најпрво, референтната к.с. на благајничките записи падна на 1.75% (претходно изнесуваше 2%),  а исто така донесе и низа одлуки за регулаторни промени коишто придонесуваат за ублажување на неповолните ефекти врз економијата.

Од страната на фискалните мерки, владата на САД изгласа мерки за помош на економијата во износ од  2.000 милијарди долари.  Пакетот вклучува 500 милијарди долари директна помош кон сите граѓани, во иста висина и износ наменет за големите компании, 350 милијарди долари заем за малите компании, а тој ќе биде и износот кој се очекува да се добие од даночното намалување. Понатаму, за невработените лица ќе има поголеми бенефиции од сегашните, а директна финансиска инекција во износ од  150 милијарди долари ќе добијат и болниците.

Во еврозоната државите воведоа фискални пакети кои во просек изнесуваат околу 3% од БДП.  Германскиот парламент изгласа кризен пакет мерки во износ од 750 милијарди евра. Интересно е да се напомене дека Германската влада за прв пат по 2013та година ќе креира нов долг во износ од 156 милијарди евра. Пакетот се состои од 50 милијарди евра диретна парична помош за малите и средните претпријатија како и стабилизациски фонд за кредитирање на погодените компании. И  владите на другите држави како Шпанија, Италија, В. Британија и Скандинавските земји воведоа фискални олеснувања. Во нашата земја, исто така беа донесени мерки за олеснување на финансискиот товар на граѓаните и компаниите, особено во делот на одложено плаќање на постоечките кредитни обврски.

На крајот ни останува да сумираме дека владите во светот мора да соработуваат и најпрво да ги поддржат заедниците и поединците кои се загрозени од вирусот. Напоредно со тоа, ќе треба да ја одржат економијата во живот преку зголемување на јавните вложувања и поттикнување на трговијата.  Во меѓувреме, единствено нешто кое сите ние можеме и мора да го направиме е да ја почитуваме препораката за седење дома, за да имаме просперитетна иднина. #ОстанетеДома

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

13 − six =