Финансиските пазари во време на пандемија- списание Економија и Бизнис

 

автор: Стојан Донески

Појавата на вирусот кој со голема брзина се прошири низ цел свет преку ноќ ги донесе светските економии во рецесија. По дефиниција, според традиционалните мерења ниедна економија сеуште нема регистрирано пад на БДП, но реалноста е дека скоро сите развиени економии веќе се во длабока рецесија. Падот на економската активност во светот е се споредува со оној на големата депресија од 30-тите години на минатиот век. По почетниот шок од вирусот и вртоглавото зголемување на бројот на заболени, повеќето земји во последниов период бележат намалување на бројот на новозаболени а со тоа светот полека ќе почнува да се враќа во нормала, броејќи ги загубите.

Ширењето на вирусот, стравот, мерките за социјално дистанцирање, ограничување на движењето, затворање на граници и слично, најпрво се пресликаа во падот на берзанските индекси во светот а потоа низ глобалната економиска активност. Од почетокот на кризата загубите на светските берзански индекси отидоа во негатива за 25 до 30 проценти.

Проблемите со производството од почетокот на кризата се прелеаа во рекордно намалување на побарувачката, освен таа за есенцијални и фармацевтски производи и услуги.

Развиените економии реагираа со креирање на досега најголеми антикризни мерки. Кредитната агенција Фич предвидува дека глобалниот износ на долг што централните банки ќе го откупат годинава ќе надмине 6 трилиони долари.

Сите овие околности доведоа до досега невиден пад на вработеноста во САД каде во последните 4 недели 22 милиони луѓе поднеле барање за користење на помош од невработеност. Со оглед на фактот што вкупниот број на работници во САД пред кризата беше околу 170 милиони, пазарните аналитичари очекуваат процентот на невработеност во САД за Април да порасне на околу 15 % што е огромен пораст од претходните 4,4 % во Март и 3,5 % во Февруари. Еврозоната во поглед на пазарот на труд засега не е толку погодена како САД. Проценките за месец Март се дека невработеноста ќе порасне од 7,3 % во Февруари на 7,8 во Март, но тука мора да се напомене дека податоци и проценки за Април за Еврозоната сеуште нема.

Проценките за раст на БДП за 2020 ширум светот се во најголема мера негативни. имајќи во предвид дека развиените економии веќе втор месец се соочуваат со вонредни мерки поради корона вирусот. Проекциите се движат од раст од најмногу 2 % кај Кина што претставува намалување на проекцијата за  раст од  6,1 % во 2019, за САД се дека БДП ќе забележи пад од околу 7 % додека за еврозоната падот на БДП би изнесувал 8,1 %. Сепак економиите во ЕУ кои и досега беа во добра кондиција релативно полесно ќе се справат со кризата наспроти останатите економии кои и до сега имаа проблем да генерираат посилен раст. Оттука стравувањата за поголема поделба во блокот после кризата се оправдани.

Сериозноста намалувањето на побарувачката придружено со мерките за намалување на ширењето на вирусот најдобро се гледа во намалувањето на цената на нафтата од почетокот на годината до сега. Како што вирусот се ширеше, мерките за ограничување на движење и намалувањето на економската активност земаа замав, така побарувачката а и цената на нафтата се намалуваа.  Од почетокот на годинава цената на суровата нафта постепено се намалуваше. Најпрво  во Март поради непостигнувањето на договор за намалување на производството во ОПЕК истата во еден ден падна за околу 30 %.  Како вирусот земаше замав во САД и Европа, намалувањето на побарувачката со истовремено полнење на залихите на сурова нафта предизвика цената на западно тексашката нафта (WTI) за прв пат во историјата биде со негативен предзнак. Таквиот пад на цената траеше само еден ден, меѓутоа останува фактот дека од почетокот на годинава цената на нафтата од типот Брент падна од 67 долари за барел на моменталните 20 долари, додека  западно тексашката нафта од 62 на 13 долари за барел.

Домашниот девизен пазар реагираше предвидливо за наши услови и за нијанса беше зголемена побарувачката за девизи од страна на физичките лица. Од друга страна падот на економската активност поради настанатата ситуација ја намали побарувачката за девизи од страна на компаниите увозници додека впечаток е дека извозните компании засега се за нијанса помалку погодени од кризата. Девизниот пазар бележи намалување на вкупниот промет за околу 15 % во споредба со истиот период лани. Кај нас посебно треба да се потенцира предвидувањето на Светска Банка дека дека износот на девизни дознаки од странство што нашите печалбари традиционално ги праќаат дома оваа година ќе бидат значително намалени, Намалувањето се очекува да биде не помало од 20 % на глобално ниво.

Иако е рано да се зборува за нормализирање, економската активност во светот после според многумина најлошиот втор квартал, очекувањата се дека во третиот и четвртиот квартал од годинава ќе има силен раст кој за жал нема да биде доволен да го неутрализира падот од првата половина на годинава. Позитивни стапки на раст во САД се очекуваат најрано во 2021 додека во еврозоната истото се очекува во 2022 година.

Растот сепак не може со сигурност точно да се предвиди поради незнаењето во каква нормала светот ќе се врати. Доколку кризата заврши на начин на кој што светот би се вратил како што беше пред корона вирусот опоравувањето би траело релативно кратко, но доколку светот продолжи да живее во таканаречена нова нормала опоравувањето би траело многу подолго.

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

eleven − seven =