Тргување со финансиски инструменти преку електронски платформи

 

Автор: Даниела Наумова

Последните години, сѐ повеќе сме сведоци на зголеменото интернет тргување со финансиски инструменти на берза, преку соодветни софтверски апликации. Историјата на интернет тргувањето е фасцинантна и револуционерна приказна, која експлозивно се развива со развојот на телекомуникациската технологија. Начинот на работа и функционирање на берзата и на финансисиките пазари, вклучително и интернет тргувањето, подлежи на законска регулатива на соодветната земја со цел заштита на инвеститорите и на учесниците на истата. Во Европската Унија (ЕУ), тргувањето со финансиски инструменти, е регулирано од страна на Европскиот орган за хартии од вредност и пазари (ЕСМА) кој е независен орган на ЕУ и кој придонесува за заштита на стабилноста на финансискиот систем преку зајакнување на заштитата на инвеститорите и промовирање стабилни и регулирани финансиски пазари.

При тргувањето на берза, каде што како учесници историски се појавуваа големите корпорации, банки,  институции,  интересен е фактот дека во последно време, се појавува и нов инвестициски профил: приватни/мали инвеститори, кои купуваат и продаваат акции на компании или тргуваат со други финансиски инструменти користејќи електронски платформи. Притоа, како најатрактивни финансиски пазари за тргување може да се издвојат, Forex (тргување со валути), тргување со aкции, нафта, блaгородни метали, криптовалути.

Зошто интернет тргувањето за мали инвеститори е сѐ поактуелно и попримамливо во последно време?

Првично, секако е желбата за поголем профит во релативно краток период, а не треба да се занемарат и другите предности кои ги нуди интернет тргувањето како, едноставен начин за отварање на сметка и започнување со тргување, достапност до повеќе финансиски инструменти на едно место, минимален депозит, пристап до повеќе алатки, информации, анализи.

За да се започне со тргување со финансиски инструменти потребно е да се избере компанија – платформа, позната и по улогата на онлајн брокер, што ќе ги направи влезот на пазарот и опциите за купување и продавање на инструменти возможни и достапни. Не помалку важно, е секако доброто познавање на термините, процедурите, правилата на тргување а воопшто незанемарлива компонента е и нивото на ризик кое инвеститорот е спремен да го превземе. Комплементарен на сето ова, е еден од можеби најважните моменти, фактот дека брокерите нудат ‘левериџ”, што значи позајмување на одреден износ на инвеститорот кој претставува дел од вкупната инвестиција.

Веќе навлегуваме во термини кои се специфика на тргувањето со финансиски инструменти на берза, и за нивно совладување, а потоа и вештина на примена, потребна е голема наобразба и искуство. Затоа, многу слично на фактот дека достапноста на извесни текстови на интернет не може да ги направи читателите, стручни во одредена област, така и во овој случај, достапноста на платформи, лесен пристап, и возможност за извесни активности, не значи дека индивидуата веднаш станува искусен брокер и знае точно да ги процени корисноста и ризиците за да донесе добра одлука за својата инвестиција.

Затоа, признавајќи ја придобивката од достапноста на пазарот на капитал до пошироката јавност, при тргувањето со финансиски инструменти, инвестирањето мора да биде мошне внимателно: вреднувањето на сопственичкиот капитал не е едноставно и нивото на ризик кое се презема од страна на инвеститорите не секогаш го разбираат сите. Тешко е да се игнорира и сознанието дека високофреквентното тргување во текот на денот е помалку поврзано со рационални инвестиции, а повеќе со шпекулации. Една од формите на шпекулации која започна во последните години, е тргување со опции за акции.

Во случај на тргување со опции за акции, станува збор за финансиски инструмент кој му дава право на имателот на договорот (инвеститорот) пример да купи (опција за купување) одредена акција по одредена цена во однапред определено време во иднина. Со оглед на тоа дека договорот му дава право на носителот, но не и обврска, да ја купи акцијата, таа има однапред определена цена. На пример, за надомест од 1 ЕУР, може да стекнете право да купите акции на компанија, пример за 6 месеци, по однапред определена цена, наречена ударна цена. После 6 месеци, доколку акцијата има повисока вредност, вие ја купувате по цената во однапред склучениот договор. Доколку цената е пониска, немате обврска да ја купите акцијата а со тоа се губи платената премијата. За разлика од оваа опција, кога се инвестира во директно купување на акции, инвеститорот има инвестиција што овозможува да заработи повеќе, доколку цената расте или да изгуби доколку цената се спушти, но во секој случај ја поседува акцијата. Во случај на опција за акции, на некој начин повеќе се работи за шпекулација/погодување, отколку за реална инвестиција.

 

Шпекулативните трансакции и таквата природа на тргување, ги тера регулаторите во некои земји да започнуваат правни постапки против компании коишто агресивно ги пласираат своите услуги без да сѐ има најдобар интерес за своите клиенти.

 

Во некои земји, законодавството налага голема транспарентност од страна на компаниите коишто нудат интернет тргување и истите на своите веб страни мора да имаат објавено информација дека се работи за високо ризична инвестиција. На пример, на веб страната http://www.xtb.com/en наведено е дека 74% од малите инвеститори, ја губат својата инвестиција токму поради комплексноста на финансиските инструменти и недоволното разбирање на истите од страна на инвеститорите.

 

Оттука, инвеститорите мора да бидат спремни на тоа дека, можат да претрпат повеќе финансиски загуби, тргувањето не е хоби туку бара посветеност, едукација а често и цело работно време, редовно следење на достапни анализи од финансиските пазари итн. Ако во светот на финансиите важи правилото “висок ризик, висок приход и обратно”, ќе заклучиме дека, големата заработка најчесто е поврзана со поголем ризик, за разлика од сигурните инвестиции со помала заработка, кои оплодуваат стабилно како на пример традиционалното штедење во банка.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

3 × one =